Обвинетите за автобуската несреќа кај Ласкарци пред судот се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.
На обвинителна клупа седнаа сопственикот на компанијата „Дурмо Турс“, Дурмиш Белули, вработениот во „Дурмо Турс“, Ремзи Мифтари кој претходно бил осудуван, машинскиот инженер порано вработен во техничкиот преглед, Игор Ѓорѓиевски, исто така и Горан Дуковски, Јане Боваровски и возачот Маноил Трифуновски. Во судницата беа присутни и нивните адвокати, како и адвокати на оштетените.
Предметот го застапува скопскиот обвиниетел Дарко Јакимовски, а го судат Диана Груевска Илиевска, Александра Ристеска и тројца судии поротници.
Во воведниот говор за судењето за сообраќајната несреќа, обинителот Јакимовски рече дека уреди за лажирање на брзината биле ставени во автобусот на „Дурмо Турс“.
-Никогаш, буквално никогаш не се случило автобус да не го помине техничкиот преглед заради технички неисправности. Само годинава се констатирани неисправности кај 80 автобуси кои биле на контрола – рече тој.
Додаде дека тројцата контролори во станицата за технички преглед требало да спречат автобусот воопшто да влезе во сообраќај. Но, како што кажа обвинителот, автобусот возел цели 16 дена по неколку тури на ден на истата релација.
-Прашање на време било кога ќе дојде до несреќа – нагласи Јакимовски во воведниот говор.