Советот на јавните обвинители на денешната седница едногласно донесе одлука да отпочне постапка за разрешување на шефицата на СЈО, во оставка Катица Јанева,
изјави претседателот на ова тело, Коле Штерјев.
– Советот едногласно одлучи да започне постапка за разрешување на Катица Јанева – рече Штерјев.
Тој посочи дека денеска или најдоцна утре извештајот за Јанева ќе биде испратен до Собранието.
Извештајот за постапката за разрешување на Јанева ќе содржи делови од исказите на пријавувачот и сведоците кои тие ги дале пред Обвинителството.
Штерјев рече дека се лимитирани поради истражната постапка да изнесуваат опширни информации во извештајот, но документот до законодавниот дом ќе содржи доволно податоци за пратениците во Собранието да ја имаат на увид фактичката состојба.
Минатата седница траеше речиси осум часа.
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ја осомничи Јанева дека ја злоупотребила службената положба и овластување и му овозможила на осомничениот Орце Камчев да излезе од притвор и да добие времен пасош во предметот „Империја”.