Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева се надева дека со денешниот исказ ќе ја забрзаз истрагата за случајот „Рекет“, како што им кажа на новинарите пред Обвинителството, каде што треба да даде исказ за „Рекет“.
– Се надевам дека со моите аргументи ќе ја забрзам истрагата, што се однесува до мојот денешен исказ. Јас се уште сум специјален јавен обвинител. Моите обвинители ги работат предметите и се надевам дека есенва ќе има разрешница на неколку случаи – порача Јанева.
Таа влезе во Обвинителството со адвокатот Стеван Павлески, кој ја пречека, покрај бројните присутни новинарски екипи.
Распитот на Јанева доаѓа еден месец по отворањето на истрагата за „Рекет“ каде засега осомничени се само Бојан Јовановски познат како Боки 13 и Зоран Милевски познат како Зоки Кичеец. Според Обвинителството, двајцата се сомничат дека изнудувале рекет од бизнисменот Орце Камчев, а за возврат тој требало да биде ослободен од истрагата за случајот „Империја“. Уште по отворањето на истрагата, обвинителката Русковска рече дека постои можност истата да се проширува.
Досега сведочеа обвинителката Лиле Стефанова која го води случајот „Империја“ и обвинителката Елизабета Јосифовска која како заменик на Јанева потпишала решение за отфрлање на притвор за Орце Камчев.