Претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина Денис Звиздиќ најави дека властите ќе преземат се што можат за да ја контролираат мигрантската криза и предупреди дека приливот на мигранти во БиХ од почетокот на годината е драстично зголемен.
– Бројот на мигранти кои дневно пристигнуваат во БиХ веќе е поголем од сто, изјави Звиздиќ по состанокот на координациското тело за миграција.
На средбата присуствувале и амбасадорката на САД во БиХ Маурин Кормак, дипломати од европски држави и од земји кои се на мигрантската рута од Турција кон ЕУ, како и претставници на Високиот комесаријат на ОН за бегалци и Меѓународната организација за миграција.
Состанокот е свикан бидејќи БиХ се соочува со најголемиот прилив на мигранти досега, поради што постоечките капацитети за нивно згрижување и плановита напревени во 2015 година не се адекватни со сегашните размери на мигрантската криза.
Звиздиќ најави дека денеска ќе бидат усвоени соодветени мерки, а ќе биде формиран и оперативен штаб кој ќе ги координира сите активности поврзани со мигрантската криза, пренесува Н1.
Министерот за безбедност на БиХ Драган Мектиќ изјави дека е јасно оти станува збор за криза која веројатно е покомпликувана од онаа од 2014 година, бидејќи сега станува збор за групи кои успеваат да минат преку затворените граници од Турција.
Воедно, тој најави дека нема да биде дозволено да бидат поставени „диви“ шаторски населби, предупредувајќи дека тие служат за притисок на државата и власта.
Мектиќ изјави дека доколку ЕУ цврсто ги затвори вратите за мигрантите, истото ќе мора да го направи БиХ, бидејќи не може да дозволи влез во земјата на огромен број мигранти, кои таму ќе останат заглавени.
Од почетокот на годината, во БиХ од Србија влегле повеќе од три ипол илјади мигранти, што е четири пати повеќе отколку во цела 2017 година.