Речиси два и пол милиони верници од исламска вероисповед учествуваа денеска во симболичното „каменување на ѓаволот“ за време на завршните денови на аџилакот во Саудиска Арабија.
Претходно, аџиите вчера се искачија на планината Арафат каде пророкот Мухамед ја одржал последната проповед пред околу 1.400 години, повикувајќи на еднаквост и единство меѓу муслиманите, пренесува агенцијата „АП“.
Аџилакот е еден од петте столба на исламот и секој муслимански верник треба да го направи барем еднаш во својот живот, доколку има средства за тоа.
Годинава аџилакот се паѓа во време на големи тензии во Заливот, каде во претходниот период имаше напади врз танкери со нафта, уривање беспилотни летала и запленети танкери.