Дирекцијата за заштита и спасување, согласно најавите на УХМР ги информира граѓаните, дека под влијание на многу топла воздушна маса во наредните денови ќе има пораст на температурите на воздухот. Особено топло ќе биде од четврток до средината на наредната недела, кога ќе биде активирана жолта фаза за високи температури, а во некои региони и портокалова фаза.
Дирекцијата за заштита и спасување покрај основните препораки за однесување во вакви услови, согласно Законот за заштита и спасување, презема и мерки и активности за превентивно делување за заштита од можни шумски пожари и други пожари на отворен простор. Воедно, ДЗС апелира до Локалната самоуправа, граѓаните и посетителите на земјава да внимаваат кога се на отворено.
- да не се фрлаат цигари и догорчиња;
- да не се фрла стаклен отпад и стаклени шишиња;
- да не се пали оган и скара на отворен простор и шума;
- да не се дозволува на децата да си играат со запалки, пламен и жар;
- да не се пали отпад и друг горлив материјал;
- да не се палат стрништа и меѓи;
- имајте на ум дека почетниот пожар може да се изгасне со една чаша вода;
- ако се забележи пожар веднаш да се извести Територијалната противпожарна единица на бесплатниот телефонски број 193.
Во соработка со Министерството за внатрешни работи и Министерството за земјоделство, водостопанство и шумарство, веќе се преземени превентивни мерки, од март донесена е забрана за движење во шума и шумско земјиште освен за вработените во ЈП национални шуми.Забраната ќе трае се до нејзиното отповикување.
ДЗС, со цел зачувување на шумите, од 15 јули до 15 август, на територијата на целата земја, ја спроведува Кампањата за заштита од пожари под мотото Иднината им припаѓа на оние кои се подготвени – Природата е наша одговорност.
Во пресрет на новиот топлотен бран што се најавува за деновиве, особено во четврток, кога температурите ќе се искачат над 41 степен, потребно е да се почитуваат препораките за заштита од Министерството за здравство, Светската здравствена организација, Црвениот крст на Република Македонија.
Според нив, пред употреба задолжитено е миење на земјоделските, градинарските производи (свеж зеленчук и овошје), термичка подготовка на храната и нејзина консумација веднаш по подготовката. Ако тоа не се направи, така подготвената храна да се стави во фрижидер на осум степени, а пред употребата да се загре на 100 степени.
Избегнувајте производи кои термички не се обработени, на пример мајонези од домашни јајца, а внимателно консумација на сладолед и разни кремови.
За време на топлиот период во денот (од 10 до 17 часот) избегнувајте напорни физички активности, вклучувајќи и спорт и рекреативни активности. Неопходните работи завршувајте ги до 10 часот или по 17 часот.
Носете светла и лесна облека (светлите бои ја рефлектираат светлината), а при на директна изложеност на сонце, ставете заштитни очила и капа.
Останете во затворени климатизирани простории (обичните вентилатори не помагаат кога температурата е над 35 степени). Затворете ги прозорците и ролетните во текот на денот, а отворете ги навечер, кога температурата е пониска.
Внесувајте помало количество храна. Избегнувајте мрсна и висококалорична храна, како и храна која содржи поголемо количество шеќер.
Внесувајте големо количество течност (не чекајте да бидете жедни) почнувајќи од обичната вода за пиење, па до минерализирани безалкохолни пијалаци. Одбегнувајте алкохолни пијалаци и пијалаци кои содржат кофеин, како и екстремно ладни пијалаци.
При неопходен престој на отворен простор најдете можности за почести одмори под сенка и избегнувајте директен престој на сонце.
Туширајте се со студена вода повеќе пати во текот на денот. Алтернативно, ставете ладни облоги и чувајте ги нозете во студена вода.
Кога сте во своето возило, отворете го прозорецот за да овозможите вентилација на воздухот. Целосно затворените возила стануваат многу жешки. Не оставајте никого во возилото!
Хроничните болни, посебно тие со срцеви, невролошките и белодробните болести потребно е да бидат посебно дисциплинирани во однос на овие препораки и редовно да ја земаат својата редовна терапија. За сите промени во здравствената состојба задолжително да го консултираат својот матичен лекар.
Ако чуствувате зашеметеност, слабост, вознемиреност или имате интензивна жед и главоболка, побарајте помош, преселете се во постудено место колку пто е можно побрзо и измерете ја својата телесна температура.
Веднаш напијте се вода или негазиран минерален пијалак за да се рехидрирате.
Ако имате болен мускулен грч најчесто во нозете, рацете и стомакот, што побрзо одморете се на студено место и напијте се течност која содржи електролити. Лекарска помош е потребна ако топлотните грчеви траат подолго од еден час.
Консултирајте се со својот доктор доколку почувствувате невообичаени симптоми или ако симптомите траат подолго време!
Ако некој член од вашето семејство или лице на кое помагате има топла и сува кожа или е во бесознание, веднаш повикајте 194. Додека се чека итната медицинска помош префрлете го на студено место и ставете го во хоризонтална положба, подигнете ги нозете и колковите. Отстранете ја гардеробата, воспоставете надворешно ладење како студени облози на вратот, пазувата и слабините, постојано ладете го и прскајте ја кожата со вода. Мерете ја телесната температура. Не давајте терапија. Ако лицето е во бессознание, не треба да лежи на грб, туку свртете го на страна, се вели во препораките.