Оцените се дека пораките на водечките политичари беа насочени кон потсетување на минатото, но и кон трасирање на патот кон европската иднина на Македонија

Обединувањето, европската иднина на државата, саможртвата на хероите од првиот и од вториот Илинден, но и актуелната политичка состојба во државата беа дел од пораките што преку говорите за Илинден, кој годинава се славеше под мотото „Сите сме деца на Илинден“, ги испратија политичарите од повеќе места низ земјата. Оцените се дека пораките на водечките политичари беа насочени кон потсетување на минатото, но и кон трасирање на патот кон европската иднина на Македонија.
Премиерот Зоран Заев од Мечкин Камен говореше за успесите на неговата влада, а Илинденското востание го окарактеризира како „крик за европска Северна Македонија“.

– Илинденското востание е крик за обединување, а делбите не се патриотизам. Сите ние Македонци, Албанци, Срби, Роми, Бошњаци, Турци и сите други, сметаме дека е патриотска должност да се помириме и обединиме, а Мечкин Камен треба да биде камен-темелник на заедништво и разбирање, не на поделби и каменување – посочи премиерот Заев.

Тој додаде дека ќе продолжиме и во иднина да ја градиме нашата земја како што ја граделе партизаните, партизанките, комитите и комитките. Заев изрази почит и за хероите што се споменати во македонската химна, нагласувајќи дека тие се бореле за иднината.

– Илинденците од 1903 и вторите илинденци од 1944 година се бореа за иднината, а не за минатото и затоа ние сега сме сите деца на Илинден. Затоа е и вградено знамето на Крушевската Република во химната – додаде Заев.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, од Пелинце, пак, порача дека двата Илиндена се двата столба врз кои се темели државотворноста на земјата.

– „Сите сме деца на Илинден“ е вистински концепт што ги опишува заедничките вредности што сите ги славиме, ги празнуваме, тоа се вредности што нѐ обединуваат и поврзуваат, нѐ прават горди и сплотени граѓани на нашата заедничка држава. Нашата држава е спој на различности, уникатен мозаик во кој секој уникатен дел растел и се развивал врз своите корени, кои биле и се потврда на долговечноста и истрајноста на народите што живееле и биле дел од ова поднебје – додаде Џафери.
Лидерот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се обрати од струшкото село Ташмаруништа, каде што покрај за историските придобивки од Илинден, коментираше и за актуелната политичка состојба во државата.

– Мојата задача е да се избориме за правда и за владеење на правото. Вистинска правда, а не онаа Заева неправда, која ни ја продава за лажна правда. И тука немам намера да правам компромиси со што било. Без оглед дали се работи за СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ или кој било друг политичар што се огрешил, посрамотил и направил злодело пред сопствените граѓани и пред законите и Уставот на Република Македонија пред народот и законите – истакна Мицкоски.


Партиски обвинувања и дилеми за скандирања

Дневната политика за собирање поени не го одмина и овој празник. Меѓусебните обвинувања и реакции за прославата на државниот празник не стивнуваа ни ден по празникот. Во јавноста се коментираше дали на Мечкин Камен било скандирано: „Северна, северна“, и дали тоа е лажна вест или, пак, било испровоцирано од друга група што скандирала: „Никогаш северна, само Македонија“.

Опозициската партија реагираше дека на чествувањето на Денот на републиката се случило срамно киднапирање на прославата на Илинден од страна на власта, од организацијата до третманот на партиската делегација на ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата коментираат и дека делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ во Крушево, предводена од потпретседателот Александар Николовски, била неосновано исвиркана.
Од Владата, пак, додаваат дека сите партиски делегации, вклучувајќи ги и оние на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, биле еднакво третирани од организаторите. Од владејачкиот СДСМ, пак, обвинуваат дека од ВМРО-ДПМНЕ правеле поделби и за време на Илинден, кој треба да обединува.

Особено изразена беше и поделбата на социјалните мрежи, каде што во интерес на партиите и за овој Илинден имаше многу навреди, па дури и омраза.
Една од повпечатливите беше реакцијата на академик Катица Ќулавкова на социјалната мрежа Твитер, каде што напиша свое видување за прославата на Илинден.
– Го испоганија и го травестираа Денот на републиката на македонскиот народ, ги омаловажија Власите, ги возвеличаа Албанците, од Македонија остана само Северна – напиша академик Ќулавкова.