Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, оствари средба со вршителот на должност, помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Филип Рикер, кој е во посета на земјава.
Како што информираат од опозициската партија, на средбата Мицкоски ги објаснил деталите и аспектите на предлог-законот за организирање на обвинителството кој го предлага ВМРО-ДПМНЕ и важноста за бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот од секаков тип.
– Мицкоски на средбата ја изрази својата загриженост поради лошата економска и политичка состојба и ја нагласи потребата за засилени реформи во процесот на исполнување на стратешките приоритети на Република Македонија – се наведува во партиското соопштение.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ воедно ја потврдил заложбата за заедничка соработка и развој на македонско-американските односи.