Најмалку 78 луѓе загинаа во монсунските дождови и поплави во Непал. Во сојузната индиска држава Асам, пак, загинале најмалку 19 луѓе, а над четири милиони имаат потреба од итна помош, апелираат властите.
Американските медиуми јавуваат дека повеќе од 40.000 непалски војници и полицајци им доставуваат храна, шатори и лекови на илјадниците луѓе погодени од поплавите.
Според процените, најмалку 32 лица во Непал се водат како исчезнати. Во индиската држава Асам повеќе од 85.000 лица се засолниле во некое од 187-те државни засолништа.
Поплавите го уништија и патот на границата меѓу Асам и Бангладеш, а од индиската страна поплавени се 70 села.
Во Бангладеш, пак, од саботата до сега од удари на гром загинале најмалку 12 лица, од кои повеќето биле земјоделци.