Граѓаните покрај стандардното плаќање во готово, од денес на патарините на Коридорот 10 ќе може да плаќаат и електронски. Јавното претпријатие за државни патишта го промовираше новиот систем за наплата со купување на бесконтактни смарт картички или уред за електронска наплата на патарина (таг). Уредот за електронска наплата овозможува плаќање без застанување, додека со бесконтактните смарт картички е овозможено плаќање само со приближување на картичката до читачот.
Во моментов и двата начини на плаќање се овозможени на пет наплатни станици на Коридорот 10, односно Романовце, Петровец, Сопот, Отовица и Градско. Планирано е новите две наплатни станици, Демир Капија и Гевгелија, да се пуштат во употреба во текот на годинава.
Покрај новиот електронски систем за наплата, во склоп на проектот „Изградба и инсталација на електронски систем за наплата на патарини на Коридор 10 во Република Северна Македонија“, денес беше отворен и оперативниот центар Петровец.
Оперативниот центар Петровец е направен за мониторинг, контрола и управување со итегриран систем за наплата на патарини на Коридор 8 и 10. Во иднина се планира тука да биде сместен системот за мониторинг, контрола и управување со сообраќај на патишта, каде што ќе се воспостави „интелиџент транспорт систем“.
– Во овој момент дистрибуирани се картички на сите наплатни станици по Коридор 10, овој контролен центар и на шалтерот во Јавното претпријатие за државни патишта. По овој период, следува дистрибуција по институции кои што нашето претпријатие ќе склучи договор за дистрибуција на картички и тагови. Најдоброто нешто во однос на картичките и таговите што откога еднаш ќе се купат, само се надополнуваат на наплатните места или на веб-апликација – изјави директорот на Јавното претпријати за државни патишта Зоран Китанов.
Премиерот Зоран Заев смета дека новиот систем значително ќе ја намали можноста за манипулација, имајќи предвид дека електронската наплата на патарини веќе може да се врши без запирање на возилата, односно возилото треба само да ја намали брзината, а наплатата се извршува автоматски.
– Ова ќе придонесе и до зголемување на протокот на возилата и зголемување на комфорот на граѓаните. Дополнително, корисниците на електронските картички ќе имаат попуст при секое надополнување. Од овој центар преку видео-надзор се следат сите патарини и патиштата низ државата. На тој начин, навреме ќе добиваме информации за било каква невообичаена состојба, дали станува збор за сообраќајна незгода, или каков било друг проблем на патиштата ширум земјата – изјави премиерот Зоран Заев, кој исто така присуствуваше на отварањето.
Целосната имплементација на електронското плаќање се очекува до крајот на годинава, односно барем 30 до 50 отсто од учесниците да го користат овој систем на плаќање.
– Сите корисници на електронски картички и тагови имаат попуст и поефтини патарини. Од два до седум отсто попуст, во зависност од сумата којашто се внесува на картичката. Попустот се пресметува автоматски. На 1.000 денари надополнување има еден отсто попуст, со 5.000 илјади денари има три отсто попуст. Се очекува позитивно да се одрази на превозниците коишто секојдневно ги користат патиштата – истакна Китанов.
Целосната дигитализација на сите наплатни станици се очекува да заврши во мај 2020 година, а целиот проект чини околу 30 милиони евра. П.С.