Порастот на економијата ќе се придвижи со владината мерка за поддршка на пораст на фирмите во трудоинтензивните сектори заедно со мерката за зголемување на минималната плата, смета министерот за финансии Драган Тевдовски.
Тој нагласи дека главен приоритет на Владата е подигање на животниот стандард на граѓаните, за што е потребно да растат платите.
– Со зголемувањето на минималната плата од септември, податоците од јануари и февруари 2018 покажуваат дека просечната плата во Македонија е порасната за 4,6 проценти во однос на истиот период лани – изјави министерот.
Според него, потребно е да се преземат и други мерки за да растат платите, а со поддршка на компаниите за зголемување на платите во трудоинтензивните сектори ќе се забрза економијата. Со оваа мерка е предвидено да се опфатат околу 50.000 работници во 15.000 компании.
– Зборуваме за поддршка за пораст на платите во трудоинтензивните сектори, за работниците во овие сектори што ќе добијат зголемување на платите во однос на последниот квартал во 2017 година, државата ќе покрие 30 проценти од порастот на бруто-платата. Мерката ќе важи за работниците што имале плати во нето до 18.000 денари, како просек во последниот квартал на 2017 година. Во буџетот веќе се предвидени околу 360 милиони денари, за да може годинава фирмите да добиваат поддршка. Поддршката ќе се добива по исплатена плата на работниците – рече Тевдовски, додавајќи дека со воведувањето на оваа мерка ќе се зголеми и продуктивноста.
Министерот очекува и мерки за компаниите за вложување во нова опрема и машини.