Фото: Игор Бансколиев

Бирократските процедури, бавната администрација и несоодветните квалификации на работната сила во Македонија се клучните слабости што ги детектирале италијанските бизнисмени

Интересот на италијанските бизнисмени за инвестирање во Македонија се враќа постепено, но сепак сѐ уште постојат пречки како што се бирократските процедури, бавната администрација и несоодветните квалификации на работната сила. Сето ова го истакна амбасадорот на Република Италија во земјава, Карло Ромеро, кој заедно со италијанските бизнисмени, оствари работната средба со министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, на која ѝ беше претставен новиот пакет мерки на Владата, со акцент на поддршката на странските вложувања.
– По период на забавување и одложување на одлуките на италијанските компании за инвестирање во Македонија поради политичката криза, последниов период забележуваме повторно враќање на интересот. Италијанските инвеститори се заинтересирани не само за регионалниот, туку и за европскиот пазар – нагласи амбасадорот Ромеро.

Сепак, на инвеститорите, вели Ромеро, најмногу им пречи бавната администрација во однос на донесувањето некои одлуки, но и на почитувањето на меѓународните договори.
– Италијанските инвеститори честопати се соочуваат со тешки административни процедури во скоро сите области, како и со недоволна транспарентност во јавните набавки. Несоодветната инфраструктура и ограничениот пристап до финансии се дополнителни недостатоци. Достапноста и ниската цена на трудот не значи дека работната сила е квалификувана. А, пак, спроведувањето на договорите и судскиот систем се други слаби точки – објаснува Ромеро.

Италија е шести најголем трговски партнер на Македонија во периодот јануари – февруари 2018 година. Повеќето италијански инвестиции во Македонија се во традиционалните сектори на хемиската индустрија, обувките, железото и челикот и прехранбената индустрија, но има интерес и за градежништво и конструкции, железници, обновлива енергија и технологии поврзани со решавање можности, стратегии и предизвици околу претстојните инфраструктурни и енергетски проекти во Македонија.
Во изминатите пет години има прилив на италијански инвестиции во автомобилската индустрија, како и во обновливата енергија (мали хидроелектрични централи) и во животната средина.

Вкупната трговска размена меѓу Македонија и Италија во периодот јануари – февруари 2018 година е 104,72 милиони американски долари. Извозот изнесува 32,7 милиони што е раст од 37,5 отсто, додека увозот достигнал 71,9 милион долари што претставува зголемување од 39,1 отсто споредено со јануари – февруари 2017 година. Остварен е дефицит од 39,22 милиони американски долари.
За јакнење на капацитетот на домашните фирми за соработка со странските инвеститори, Стопанската комора на Македонија најави нов проект.
Како што истакна Јадранка Аризанковска од СКМ, во тек е пријавувањето на македонските компании, кои би сакале да соработуваат со странските инвеститори и кои во текот на наредната година преку обуки и консултантска поддршка ќе имаат можност да го зајакнат својот капацитет и да одговорат на предизвикот што го бараат инвеститорите.

Според министерката Апостолска, околу осум илјади компании би можеле да ги исполнат условите за користење на владината финансиска поддршка.
Според Апостолска, првичната бројка на компании што можеа да ги искористат предвидените средства од државата беше седум илјади, но со олабавувањето на законската можност што помина во Собранието, бројката барем од сегашна перспектива, ќе изнесува осум илјади.
– Меѓу компаниите има и италијански, главно од областа на медицинската опрема. Има и од други држави. Интензивно се преговара и тоа многу сериозно – истакна Апостолска.
Мерките за поддршка што ги предвидува Законот за финансиска поддршка на инвестициите, за компаниите ќе значат можности за постигнување многу подобри резултати, проширување на производниот асортиман, зголемување на бројот на вработени лица и зголемување и проширување на своите извозни потенцијали преку настап на странски пазари.
– Со овие мерки ќе се овозможат посилни повратни врски со странските директни инвестиции и повеќе ќе се стимулира извозот, кој е неопходен за да се постигне повисока стапка на економски раст и развој, преку обезбедување помош за унапредување на квалитетот, количествата и сигурноста на производите преку технички и менаџерски вештини, деловно планирање, пристап до капитал со зголемена технолошка и деловна софистицираност на домашните бизниси – сметаат од СКМ.