Првите холандски туристи во летната сезона во Македонија слетуваат денеска со туроператорот „Корендон“ на охридскиот аеродром. Чартер-летовите на релацијата Амстердам – Охрид – Амстердам ќе траат до 16 октомври годинава.
На почетокот „Корендон“ ќе лета двапати неделно до Охрид, во вторник и во петок, додека во јули и август компанијата ќе додаде уште еден лет.

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот соопшти дека се очекува до октомври да бидат организирани околу 50 чартер-лета и Охрид да го посетат над 10.000 холандски туристи само со туроператорот „Корендон“. Оваа сезона е најавено зголемување од 20 проценти на резервации со оваа компанија, со што би се зголемил и сообраќајот на аеродромот „Свети Апостол Павле“.
– Македонија лани ја посетиле 26.889 холандски туристи со остварени 141.675 ноќевања. Тие се меѓу првите 10 туристички пазари за нашата земја – истакнаа претставниците од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.