Фото: Игор Бансколиев

Ракометната репрезентација на Македонија ќе игра во групата Б во Виена, со селекциите на Чешка, Украина и на домаќинот Австрија, на Европското првенство в година. Најдобрите две селекции од групaта обезбедуваат пласман во главната рунда, во групата 1, која, исто така, ќе се игра во Виена, заедно со по две селекции и од групите А и Ц

Македонската машка ракометна репрезентација доби одлична група на ждрепката во Виена за Европското првенство (ЕП), кое ќе се одржи во јануари во Австрија, Норвешка и во Шведска. Избраниците на селекторот Данило Брестовац ги имаат сите предуслови за добар настап и за добар пласман на петтото во низа континентално натпреварување. Противници на Македонија во групата Б ќе бидат селекциите на Чешка, Украина и домаќинот Австрија, а мечевите ќе се играат во Виена.

– Позитивниот резултат со Исланд и првото место во групата во квалификациите многу придонесоа да добиеме група по мера. Добрата ждрепка ни дава мотив плус на најдобар можен начин да ги испланираме и да ги одработиме подготовките и максимално мотивирано и подготвено да влеземе во трката за пласман во вториот круг – изјави селекторот Данило Брестовац.
Сите три селекции им се добро познати на нашите ракометари од квалификациите и од натпреварувањата на последните четири европски првенства, на кои Македонија учествува во низа.

Македонија и Чешка на ЕП играа во 2012 година, победи Македонија со 27-21 во клучниот меч за пласман во втората фаза, каде што беше освоено петтото место. Потоа двете селекции се сретнаа на ЕП 2014, а дуелот заврши со реми, 24-24. На континенталното првенство во 2016 година, Македонија и Чешка не играа меѓу себе, на ЕП 2018 во втората групна фаза победи Чешка со 25-24.
Македонија и Украина, која првпат се пласира по 2010 година, не играле меѓу себе на ЕП, но двете репрезентации се сретнаа во квалификациите за ЕП 2018. Македонија славеше дома со 27-21, а на гости беше нерешено, 27-27. Македонија и Австрија се сретнаа во бараж за пласман на Светското првенство во 2013 година, кога Македонија дома победи со 26-21, а Австрија на свој терен со 30-27, а потоа и на ЕП 2014, кога Македонија забележаа победа со 22-21.

Најдобар пласман на Македонија на европските првенства е петтото место во 2012 година во Србија, на Чешка двете шести места, на ЕП 1996 во Шпанија и на ЕП 2018 во Хрватска, на Австрија најдобар пласман ѝ е деветтото место на ЕП 2010, кога беше домаќин на шампионатот, а на Украина 11-то место на ЕП во 2002 година во Шведска.
На ЕП 2020 година прв противник на Македонија ќе биде Украина (10 јануари од 20.30 часот). Два дена подоцна е мечот со Чешка (18.15 ч.), а во третото коло е дуелот со домаќинот Австрија (14 јануари, 20.30 ч.).

ЕП 2020 е прво на кое ќе играат 24 репрезентации. Најдобрите две селекции од секоја од групите обезбедуваат пласман во главната рунда. Во групата 1, која ќе се игра во Виена, место ќе обезбедат најдобрите селекции од групите А, Б и Ц, а во групата 2, која ќе игра во Малме, место ќе има за најдобрите селекции од групите Д, Е и Ф. Финалната фаза од натпреварувањето треба да се игра во Стокхолм. 


Македонија доби одлична група и за патот кон Токио

Македонските ракометари ќе треба да остварат позитивен резултат за освојување на една од првите две позиции во групата што носат место во втората фаза од натпреварувањето. Висок пласман на Европското првенство во 2020 година на Македонија може да ѝ донесе играње во квалификациите за пласман на Летните олимписки игри (ЛОИ), в година, во Токио. Црвено-жолтите претходно настапија во квалификациите за пласман на Игрите во 2012 во Лондон и на ЛОИ 2016 во Рио де Жанеиро. Високиот пласман на ЕП 2020 ќе значи и полесна ждрепка за баражот за пласман на Светското првенство во 2021 година, во Египет.


Ако победуваат фаворитите, ќе има интересна група во Малме

Според рејтингот и квалитетот со кој моментно располагаат селекциите, главни фаворити во групата А се составите на Хрватска и на Црна Гора. Македонија и Чешка се селекциите што се фаворити во групата Б. Репрезентациите на Шпанија и на Германија се фаворити во групата Ц, а Франција и Норвешка се доминантни во групата Д. Во групата Е, прв фаворит е светскиот првак Данска, а во таа група се и Унгарија, Исланд и Русија. Во групата Ф, улогата на фаворити ја имаат Шведска и Словенија.
Доколку фаворитите ја оправдаат својата улога, тогаш највозбудливата борба за пласман во полуфиналето ќе биде во втората група, во Малме, во која за првите две места ќе играат Франција, Норвешка Данска, Словенија и Шведска, за разлика од првата група, каде што европскиот првак Шпанија е најголем фаворит, со Германија и Хрватска во заднина.


СОСТАВ НА ГРУПИТЕ

ГРУПА А
Хрватска
Белорусија
Ц. Гора
Србија

ГРУПА Б
Чешка
Австрија
Македонија
Украина

ГРУПА Ц
Шпанија
Германија
Летонија
Холандија

ГРУПА Д
Франција
Норвешка
Португалија
БиХ

ГРУПА Е
Данска
Унгарија
Исланд
Русија

ГРУПА Ф
Шведска
Словенија
Швајцарија
Полска