На просторот пред Домот на култура во Битола, утре, со почеток во 18 часот како дел од планираните активности на воената вежба „Одлучен удар“, ќе се реализира отворен ден за граѓаните на кој ќе се прикажат дел од средствата, опремата и активностите кои се изведуваат на оваа најголема воена вежба организирана во Република Македонија досега.
Aктивноста ќе ја проследат претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски, началникот на генералштабот на армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, вршителката на должност, амбасадорка на САД, Микаела Швајцер-Блум, градоначалникот на општина Битола,
Наташа Петровска, генерали од армијата и претставници од амбасадата на САД.
Присутните ќе проследат повеќе активности како што се: демонстрација на боречки
вештини, извлекување со хеликоптер со користење на техника „Грозд“, алпинистички вештини при евакуација на повредени цивили од висококатница во изведба на припадници на полкот за специјални операции, како и прелет на хеликоптери.
Граѓаните преку директна комуникација со припадниците на армиите ќе имаат можност поблиску да се запознаат со опремата и постапките и процедурите кои ќе ги извршуваат учесниците на вежбата.
Вежбата „Одлучен удар“ која е досега најголема вежба организирана од нашата армија и на која учествуваат 2.700 војници од армии на уште пет сојузници – САД, Литванија, Албанија, Бугарија и Црна Гора, ќе трае до осми јули.