Италијанските археолози кои спроведоа истражување потврдија дека во гробницата на Тутанкамон нема тајни комори, изјави египетскиот министер за антиквитети Мустафа Вазири.

– Радарските снимки од гробницата потврдија дека нема комори, врати и скали. Тоа ја отфрла теоријата која вели дека внатре или покрај гробницата се наоѓаат ходници и простории- истакна Вазири.

Британскиот египтолог Николас Ривс претходно изјавуваше дека деталните снимки од северниот ѕид на зданието навестуваат дека има отвор кој води кон нови простории. Негова претпоставка е дека се работи за гробницата на Нефертити, сопруга на таткото на Тутанкамон, фараонот Акхенатен.

Тутанкамон бил еден од последните владетели од 18-та династија. Починал на 19-годишна возраст под неразјаснети околности. Неговата гробница е откриена 1922 година, заедно со многу скапоцени предмети.

За разлика од многу други гробници, Тутанкамоновата не е цел на крадци.