Една, односно речиси две години по потпишувањето на договорите за добрососедство и соработка со соседите Грција и Бугарија, почнува на дело да се покажуваат ефектите од асиметричноста на нивната правнополитичка поставеност, главно на штета на Македонија. Потпишувањето на овие меѓународни билатерални договори на Македонија ѝ беше предложено (па и поставено како своевиден услов) од меѓународната заедница како решение за отворените прашања со соседите, кои беа и причина за блокада на евроатлантските аспирации на земјава, токму од соседните земји. Според одредбите од тие договори, како „капитална жртва“, Македонија се согласи да ги промени своето уставно име и Уставот, но се согласи и да учествува во мешани историски комисии за да ги усогласи учебниците по историја во својот образовен систем, во духот на новодоговорените пријателства. Формалноправно и соседните земји потписнички на договорите учествуваат во работата на комисиите и тие би требало да ги усогласат своите учебници, како и да не ја попречуваат Македонија во нејзините евроинтеграции. Сепак, и покрај сите исполнети препораки и услови на меѓународната заедница, од страна на Македонија (и десетина позитивни извештаи на Европската комисија), и понатаму е неизвесно добивањето датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ, само што сега грчките медиуми признаваат дека „првпат тоа нема да биде по вина на Грција“.
Но примената и исполнувањето на одредбите од договорите за добрососедство ги покажуваат на дело стапиците од нивната асиметричност во корист на соседите. Неодамна министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, истакна дека македонската страна „во однос на почнувањето на преговорите за членство во ЕУ има задолженија и за добросостојбата и во однос на историјата“. Во контекст на работата на историските комисии, Захариева истакна дека и покрај досегашните резултати на комисијата и усогласувањето за славење на историските личности од средниот век, ликот и делото на Гоце Делчев се клучен услов за бугарската страна за поддршка на Македонија на патот кон ЕУ. Подоцна, Захариева дури категорично и ултимативно објави дека Бугарија ќе ја напушти работата во историските комисии и ќе прекине секаква соработка ако Македонија не ја прифати „бугарската вистина“ за Гоце Делчев. Министерот за одбрана и вицепремиер во бугарската влада, Красимир Каракачанов, исто така имаше радикални изјави, според кои македонската страна треба да ги прифати сите услови на бугарската во историската комисија, за понатамошна поддршка во ЕУ и НАТО.
Што се однесува до договорот со Грција, каде што во блиска иднина се очекува промена на власта, претендентот на позицијата премиер, Киријакос Мицотакис, изјавува дека секако ќе се труди да „ги намали штетните последици од Преспанскиот договор за грчката страна“ и дека ќе ги користи сите можности да ја попречи Македонија на секое поглавје, дури и ако бидат отворени преговорите за членство во ЕУ.
Уште при потпишувањето на договорите за добрососедство, голем дел од експертската јавност предупредуваше на опасностите од нивната асиметричност и дека Македонија иако ќе ги исполни сите барања на соседите, никако нема да биде заштитена од нивните каприциозни ултимативни политики. Прашањето во овој момент, кога се појавуваат првите ултиматуми и по потпишувањето на договорите, е дали и како може да се исправи таквата асиметричност. Односно, дали можеби како (идна) членка на ЕУ и НАТО, како рамноправен партнер во овие сојузи, Македонија ќе биде во позиција да ги исправи последиците од асиметричноста на договорите.
– Во принцип, не постои нешто како конечен договор. Биле потпишувани и вечни сојузи, па биле растурани за кратко време. И според одредбите од договорите за добрососедство и соработка што ги потпиша Македонија со Грција и Бугарија, доколку една од страните отстапи од договорот, тој се раскинува – вели Страшко Стојановски, професор на Правниот факултет во Штип и експерт по градење теории за нации.
Сепак, и покрај неоспорната правна теорија, која не ја исклучува можноста за раскинување на меѓународните договори, професорот Стојановски смета дека овие ултиматуми што сега ги поставуваат соседите се само почеток на отстапките што ќе се бараат од македонската страна понатаму.
– Договорот за добрососедство со Бугарија всушност претставува континуитет на оној договор од 1999 година, во кој нов момент е образовно-историската комисија. Исто таква комисија е предвидена и формирана и во договорот со Грција. Само што во договорот со Грција нагласено прво се штити грчката историја, а она што останува е за македонска страна. Притоа не станува збор само за античкиот период, туку и оној од Граѓанската војна во Грција, на средината на 20 век. Очигледно, овие историско-образовни комисии ќе бидат алатките за поставување ултиматуми спрема македонската страна и отстапките ќе се прават во континуитет. Притоа, загриживачки е што не е временски ограничено тоа усогласување на ставовите, кое ќе трае веројатно до некој нов договор. Најоптимистичкото предвидување за некаков нов договор, поправеден за македонската страна, би било тој да се случи за десетина години – смета професорот Страшко Стојановски.
Покрај сѐ, Стојановски опасноста ја гледа во интенцијата на овие договори за создавање нов граѓански конструкт во Македонија, преку државјанството дефинирано како Македонец/граѓанин на Северна Македонија.
– Создавањето на тој нов граѓански конструкт претставува нов модел на градење на нацијата. И интенцијата на тој модел е постепено да се избрише терминот „македонски“. Факт е дека македонското општество е хетерогено, со силни етнички идентитети, а сите овие соседски договори и внатрешни политики водат кон јакнење на сите други етнички идентитети и постепено обезличување на македонскиот етнички идентитет – вели Страшко Стојановски, експерт за теории за нации.
Слично размислува и професорот филозоф Ферид Мухиќ, пратеник во македонското собрание, кој беше воздржан при гласањето за ратификација на договорот за добрососедство со Бугарија, токму поради неговата асиметричност, која води кон бришење на македонскиот национален предзнак.
– За жал, не сум оптимист во однос на запирање, а уште помалку за враќање на процесот на демакедонизација, кој е овозможен токму со договорот за добрососедство со Бугарија. Со таквиот асиметричен договор и официјално се оди на минимизирање на македонската националност. Тоа ќе се одрази и на денационализирање на Македонската православна црква, за која сѐ повеќе се говори дека би можела да биде признаена како Охридска архиепископија. И во мигот на евентуалното пристапување кон ЕУ (што не верувам дека ќе биде пред 2030 година), тоа ќе се случи со бришење на секое македонско национално обележје. Повторно, за жал, немаме ниту инструменти ниту стратегија за го запреме таквиот процес – вели професорот и пратеник Ферид Мухиќ.