Екипите на надлежните јавни претпријатија „Водовод“ и „Чистота и Зеленило“ Куманово попладнево, по обилниот дожд кој го зафати градот, излегоа на терен и ги отворија шахтите на атмосферската мрежа на неколку улици и булевари во Куманово.
На терен е и градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски, кој информираше дека веднаш се ангажирани екипи на претпријатијата.
– Количината на вода е огромна и шахтите се отвараат. Овие проблеми Куманово ги има со децении назназад, особено на улицата „Доне Божинов“ и булеварот „Октомвриска револуција“. Нема пријавено значителни штети или поплави – изјави Димитриевски.
Куманово од вчера попладне, во неколку наврати беше зафатен со поројни дождови и ситен град. Водата се се слева по улиците поради конфигурацијата на теренот како што е случајот со улицата „Доне Божинов“ која ја поврзува населбата „Карпош“ со центарот на градот, но и булеварот „Октомвриска револуција“ една од најниските точки на Куманово.
Атмосферската мрежа во градот постепено се обновува последниве два месеци, особено во оние делови од Куманово каде што е поставена пред неколку децении.