Бундестагот ќе донесе одлука во септември за одобрување на старт на преговорите на Европската Унија со Македонија, согласно утврдените процедури на Германија за прашањата за проширување на Унијата, рекла германската канцеларка Ангела Меркел на средбата со премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, што се одржа во Берлин, соопшти владината прес-служба.
На средбата канцеларката потенцирала дека Македонија го испорачала очекуваното и дека таа и Берлин на тоа гледаат многу позитивно.
Премиерот Заев рекол дека Македонија има целосна доверба во канцеларката Меркел и ја поддржува нејзината политика за процесот на проширување на ЕУ, како и нејзината политика кон Западен Балкан.
Тој, исто така, нагласил дека радува фактот што Министерството за надворешни работи на Германија има позитивен став за нашата земја во однос на започнувањето преговори за членство во ЕУ и дека треба да се испочитуваат процедуралните постапки и демократските процеси кои ќе овозможат Бундестагот да донесе позитивна одлука во септември.
– Силно е уверувањето дека оваа година почнуваме преговори за членство со ЕУ и им се придружуваме на Србија и Црна Гора – рекол Заев.