Утрешниот спортски настан ќе го увеличи светската рекордерка во маратон, Британката Пола Ретклиф, која ќе биде промоторка на „Скопскиот маратон“. Таа е втора мегаѕвезда што ќе го промовира „Скопскиот маратон“, по Кениецот Вилсон
Кипсанг Кипротич во 2014 година, бронзен медалист од ЛОИ 2012 во Лондон и поранешен светски рекордер
„Скопскиот маратон“ повторно ги урива своите рекорди со над 10.000 пријавени натпреварувачи од 58 земји од светот, со што уште еднаш потврди дека е еден од најпопуларните спортски настан во Македонија и пошироко. Лани на маратонот учествуваа околу 8.500 учесници, од 51 земја, во 2016-та над 7.000 од 46 земји, а годинашниот рекорд е најдобар показател дека интересот за трчање во Скопје се зголемува и оти целиот настан го заслужува епитетот македонски спортски бренд.
– Цела година жителите на Скопје ги гледаме растрчани низ градот, не само на денот на маратонот. Некои трчаат во парк, некои покрај Вардар, некои на тротоар. Ни претставува најискрено задоволство тоа што успеваме да ги обединиме сите тркачи и со нив да се дружиме барем еден ден во годината. На некои од нив тоа им е малку, па своите тркачки желби ги исполнуваат и на маратоните во странство. Таа промоција на „Визер Скопски маратон“ е најзначајна – кога нашите тркачи посетуваат други метрополи и патеки и кога луѓето од другите држави од цел свет доаѓаат кај нас. Тука разменуваме многу интересни енергии и искуства што никогаш не се забораваат – истакна Кире Синадиновски, директор на „Скопски маратон“.
Спортскиот настап ќе го увеличи светската рекордерка во маратон, Британката Пола Ретклиф, која ќе биде промоторка на „Скопскиот маратон“. Таа е втора мегаѕвезда што ќе го промовира „Скопскиот маратон“, по Кениецот Вилсон Кипсанг Кипротич во 2014 година, бронзен медалист од ЛОИ 2012 во Лондон и поранешен светски рекордер.
Патеката на „Скопскиот маратон“ од 2008 година има сертификат од Асоцијацијата за маратони и улични трки (АИМС), со што се признаваат сите постигнати резултати и рекорди. Главната маратонска трка и полумаратонската и штафетната трка, 4х5 км, ќе почнат во 8.30 часот, за да се избегнат високите температури и жешкото време, кои минатите години им создаваа многу неволји на учесниците.
„Скопски маратон“ константно се надградува, a и оваа година како дел од настанот се вклучија македонските радија, познати диџеј-бендови и оркестри за да ја збогатат целата патека со музика и забава. Неодамна беше пуштена во употреба и новата мобилна апликација за „Визер Скопски маратон“, на која секој заинтересиран може да ги следи своите омилени тркачи во живо. Таа може да се симне на следниов линк: https://play.google.com/store/apps/details?id=com.skopjemarathon
– Несомнено дека „Скопскиот маратон“ расте низ годините. Секој чекор што се презема од страна на организаторите е чекор кон воспоставување култен статус, кој веќе се гради врз традицијата на „Скопскиот маратон“. За остварувањето на ова сакам да им се заблагодарам на сите учесници, покровители и поддржувачи, затоа што без нив овој настан немаше да биде тоа што е денес – вели Ѓорги Кузмановски, претседател на Сојузот на спортови на Скопје.
Од наградниот фонд, кај маратонците победникот ќе заработи 2.000 евра ако резултатот е под 2.18,59 часа, а 1.200 евра ако резултатот е над 2.19,00 евра. Кај жените најбрзата ќе биде побогата за 2.000 евра ако постигне време под 2,46,59 часа, а 1.200 ако има време над 2.37,45. Рекордот кај мажите изнесува 2.12,36, а кај жените 2,37,45 часа.
Минатата година на маратонот славеа Кенијците Кипротиш Кириу (2.12,59 часа) во машка и Стелах Барсосио (2.33,42), што беше и рекорд на нејзината конкуренција. Од Македонците, кај мажите најдобар беше Александар Кираџиев (2.41,38), а кај жените Весна Кираџиева (3.20,27). Во полумаратон, кај мажите прв беше Дарио Ивановски (1.11,27), а кај жените Леила Луик од Естонија (1.26,07).
В недела посебен сообраќаен режим
Поради претстојниот „Визер Скопски маратон 2018“, утре одредени сообраќајници ќе бидат забранети за сообраќај. МВР соопшти дека за трката на 5.000 метри е предвидена траса на движење преку плоштадот „Македонија“, преку Камени мост лево покрај новиот театар, па лево преку мостот „Гоце Делчев“ до бул. Илинден и по него лево по улиците Рузвелтова, М.Т. Гологанов, Димитрие Чуповски, 11 Октомври и пред портата „Македонија“ се врти лево на плоштадот „Македонија“, каде што е целта.
Стартот на полумаратонот од плоштадот „Македонија“ преку Камени мост, лево покрај новиот театар, лево по мостот „Гоце Делчев“, по бул. Илинден лево по ул. Љубљанска и ул. Московска, десно по ул. Војвода Васил Чакаларов, на крајот на улицата се врти назад и се оди по улиците М.Т. Гологанов, Димитрие Чуповски, 11 Октомври, Крушевска република, по бул. Трета македонска бригада, ул. Фрањо Клуз, бул. Јане Сандански до крајот пред семафорот со бул. Србија каде што се врти назад по бул. Јане Сандански и улиците Фрањо Клуз, Крушевска република, 11 Октомври, се влегува низ портата „Македонија“ и на плоштадот, каде што е и целта.
И главната маратонска трка ќе се одвива по истите сообраќајници како полумаратонот, но со уште еден дополнителен круг. Полицијата апелира до граѓаните за разбирање и почитување на посебниот сообраќаен режим во текот на одржувањето на настанот.
Саатница
Маратонот во должина од 42.195 км ќе започне во 8.30 часот. Право на учество имаат лица постари од 18 години. Се трчаат два круга низ улиците на Скопје, во машка и женска конкуренција. Полумаратонот (21.097 км) започнува во 8.30, а право на учество имаат постари од 16 години. Се трча еден круг низ улиците на Скопје, во машка и женска конкуренција. Трката за рекреативци (5 км) ќе започне во 8.40 часот, наменета за сите граѓани. Се трча еден круг низ улиците на Скопје во двете конкуренции. Штафетниот маратон (4х10,5 км), започнува во 8.30 часот, трка во која учествуваат четворица натпреварувачи, односно секој од тимот трча по 10.5 км. Сите натпреварувачи во штафетата треба да бидат од ист пол.