Над 2.700 припадници од армиите на шест држави, домаќинот Северна Македонија, потоа Соединетите Американски Држави, Албанија, Бугарија, Црна Гора и Литванија од денеска до деветти јули како дел од досега најголемата вежба организирана во нашата држава, „Одлучен удар“ ќе ја развиваат подготвеноста и меѓусебната интероперабилност, клучна способност за сите армии во Алијансата.
На отворањето на вежбата на полигонот „Криволак“ заменикот – министер за одбрана, Беким Максути порача дека оваа, досега најголема вежба која ја организира нашата армија се случува во вистинско време во кое нашата држава е исклучително горда на постигнатото и дека Алијансата добива искрен и посветен сојузник.
– Ние сме сојузник кој цврсто верува во вредностите на Алијансата и кој знае да се бори за демократијата, слободата, еднаквоста, владеењето на правото. Сојузник кој знае како е да се потиштат тие вредности и знае дека живеењето и практицирањето на тие вредности е основата за развој на едно современо, демократско, европско општество – рече Максути.
В.д. амбасадорката на САД, Микаела Швајцер Блум, се заблагодари и ѝ честита на Армијата за организацијата на вежбата.
– Вежбите како „Одлучен удар“ играат важна улога во зајакнувањето на нашата заедничка безбедност. Тие овозможуваат нашите армии да можат да комуницираат и да изведуваат заеднички операции. Тие ги поврзуваат нашите војници, градејќи меѓусебно разбирање и лични врски што траат и нас нè прават посилни – истакна Швајцер Блум.
Командантот на Здружената оперативна команда, генералот Павле Арсоски, им оддаде признание на сите офицери вклучени во подготовката и организацијата на вежбата. За „Одлучен удар“ истакна дека ќе претставува најдобар доказ за подготвеноста и интероперабилснота на нашата Армија со сојузниците.
Директорот на вежбата, потполковникот Игор Манасовски, информираше дека планирачкиот процес за развој на вежбата траел 16 месеци, а вклучени биле 80 офицери и подофицери од шесте земји – учеснички.
Вежбата „Одлучен удар“ која започна денеска ќе се реализира на полигонот „Криволак“ до деветти јули.