Водачот на една црква со седиште во Мексико, за која се проценува дека има над од 1 милион следбеници низ целиот свет, беше уапсен во Калифорнија и обвинет за злосторства, вклучително и трговија со луѓе, производство на детска порнографија и силување на малолетници, пренесува „Си-ен-еј“.
Водачот на „Ла Луз дел Мундо“ (Светлината на светот), 50-годишниот Наасон Хоакин Гарсија, беше обвинет синоќа, откако беше уапсен на меѓународниот аеродром во Лос Анџелес еден ден претходно, објавија од обвинителството.
Црквата ги отфрли обвинувањата како неосновани.
– Апостолот на Исус Христос, братот Наасон Јоакин Гарсија, отсекогаш се однесувал во согласност со законот и со почит кон институциите и достоинството на народот – се вели во соопштението на црквата, објавено на нејзината веб-страница.
Судските документи покажуваат дека Гарсија бил познат како „апостолот“,а на децата им велел дека му се спротивставуваат на Бог ако се непокорни.
Во жалбата се наведува дека тројца малолетници и една возрасна жена биле злоупотребувани, а едно дете и жена силувани. Другите биле принудени да вршат сексуални дејства и да изведуваат „непристојни“ танци за Гарсија облечени што е можно пооскудно.
– Вакви злосторства немаат место во нашето општество. Точка. Не смееме да ги игнорираме сексуалното насилство и трговијата со луѓе во нашата држава
– изјави обвинителот на Калифорнија, Хавиер Бекера, во вторникот.Црквата рече дека категорично ги отфрла обвиненијата против Гарсија, тврдејќи дека истите се лажни.