Во Босна и Херцеговина расте заинтересираноста за отворање складишта за депонирање и откуп на старо железо. За експанзијата на овој сѐ поисплатлив бизнис во БиХ говорат и податоците од Даночната управа на Федерацијата на БиХ, според кои се регистрирани 786 стопански друштва и 635 самостојни претприемачи, кои се занимаваат со селектирање на автоотпадот. Само годинава се регистрирани нови 19 фирми, а во 2018 година биле регистрирани 57. Како самостојни откупувачи на отпад од почетокот на годината се регистрирани 13, а лани нивниот број изнесуваше 57, изјавија од Даночната управа за „Аваз“.
Загадувањето на околината со старо железо е актуелен проблем во БиХ. Дивите депонии го уништуваат зеленилото, а остатоци од стари автомобили се расфрлани и во близината на туристичките места. Една од нив е планината Влашиќ на која на двете страни од патот можат да се видат слики на расфрлани каросерии од стари автомобили.
– Депониите за автомобили се проблем во БиХ. Во последно време сѐ повеќе се отвораат без да се почитуваат прописите. Најкритично е што не постои точен увид каде се фрла отпадот и што се случува со опасните материи од старите автомобили.
Очигледни се хаосот и неодговорниот однос кон околината во близината на депониите. Директна последица на ова се загадување на земјиштето и водата – вели Џемила Агиќ, директор на Центарот за екологија и енергија.
Од Даночната управа на ФБиХ истакнуваат дека претпријатијата што се занимаваат со дејноста за откуп на стари автомобили се регистрираат во согласност со Законот за регистрација на деловните субјекти во ФБиХ.
Самостојните претприемачи што ја извршуваат оваа дејност мораат да имаат одобрение за работа во согласност со Законот за дејност и тие се регистрираат кај надлежните општински органи.