Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш во тримесечниот извештај за Косово наведува дека е „загрижен“ поради знаците на влошување на односите меѓу Белград и Приштина, особено по апсењето на директорот на српската владина Канцеларија за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ.
Во извештајот, кој амбасадорите на земјите членки на Советот за безбедност на ОН ќе го разгледуваат во текот на овој месец, Гутереш ги повика двете страни да избегнуваат подбуцнувачки изјави.
– Дијалогот меѓу Белград и Приштина, со посредништво на ЕУ, како што изгледа, западна во нов ќорсокак… Апелирам до двете страни да му дадат нов поттик на дијалогот за да се спроведат сите до сега постигнати договори, наведива Гутереш.
Во извештајот се истакнува и дека во последните три месеци во Косово се вратиле само три лица.
– Загрижен сум поради знаците на влошување на односите меѓу Белград и Приштина, особено по апсењето на Марко Ѓуриќ, директор на Канцеларијата за Косово на Владата на Србија, на 26 март. Ги повикувам двете страни да избегнуваат провокативни акции и да се воздржат од подбуцнувачки изјави, стои во извештајпт.
Гутереш исто така предупредува дека однесувањето на косовската полиција за време на апсењето на Марко Ѓуриќ, при што беа повредени неколку лица, претставува „причина за загриженост“ и повика на „детална истрага“ за настанот, наведувајќи дека се потребни „корективни мерки“ во врска со кршење на човековите права.