Пратеничката од СДСМ, Фросина Ременски, побара оставка од поранешниот претседател на Собранието, а сега пратеник Трајко Вељаноски. Тој според неа претставува безбедносен ризик поради сертификатот кој го поседува за класифицирани информации, и е на рамниште со осудените за настаните од 27 април, па оттука Ременски смета дека Вељаноски е недостоен да биде претседател на Комисијата за надзор над УБК и Агенцијата за разузнавање.
-Имаме морализирање на статусот на Павле Богоевски на неутврдена вина, наспроти статусот на пратеникот Трајко Вељаноски кој е под сомнение и при крај на поведување на обвинителен акт заради здружување во непријателска дејност против државата за настаните од 27 април- изјави Ременски.
За Ременски проблематично е што Вељаноски ќе делегира и двајца пратеници во комисијата за селекција за Агенцијата за национална безбедност, во рамки на законите што вчера беа изгласани со двотретинско мнозинство.
Вељаноски е еден од осомничените за настаните од 27 април, а пред три месеци пропадна обидот Собранието да му го одзеде имунитетот. Тогаш образложението на претседателот на Собранието, Талат Џафери, беше дека изминало времето за гласање неколку минути после полноќ, но и дека надлежната Комисија за манадатно-имунитетни прашања, на која претседател е Павле Богоевски не доставила заклучок за одземање на имунитетот на Вељаноски. Гласањето на комисијата беше пата-пата, и СДСМ ја обвини ДУИ за таен договор и партиски пазарења со ВМРО-ДПМНЕ, додека од ДУИ одговорноста ја префрлија кај дел од пратениците на СДСМ кои не создале соодветни услови за гласање.