Движењето на Србија кон автократизам би можело да стане главна пречка за нејзиното пристапување во Европската Унија, за што се споменува можниот термин во 2025 година, се наведува во авторскиот текст на аналитичарот Мартин Расел, објавен на сајтот на Европскиот парламент.
Србија се смета за водечка земја во Западен Балкан, која тежнее кон членство во ЕУ, а оцените за влијанието на авторитаризмот, произлегуваат од демократските институции, нивото на економскиот развој и целосната подготвеност за пристапување во европската заедница, пишува Расел, кој е аналитичар во истражувачкиот отсек на ЕП за Русија и Југоисточна Азија.
Тој ја опишува Србија како држава во која доминантна фигура е претседателот Александар Вучиќ, наспроти церемонијалната функција што ја има според српскиот устав, пренесува „Данас“.
– Критикувањето на политиката што ја водат властите се толкува како предавство на српските интереси. Целта е да се маргинализираат критичките гласови, досега силата се концентрира во рацете на власта под водство на Српската напредна партија. Вербалните напади на политичарите на СНС и нивните сојузници упатени кон независните медиуми, политичката опозиција и цивилното општество, се жестоки – забележува Расел.
Слободата на медиумите во Србија е во опаѓање неколку години, а особено е изразено откако Вучиќ во 2014 година стана премиер на Србија.
– Многу од медиумите сега се директно контролирани од државата или од луѓето што се во спрега со Српската напредна партија. Независните новинари се соочуваат со закани и насилство, а сторителите ретко се осудувани – наведува аналитичарот на Европскиот парламент.
Владејачката коалиција го користи парламентарното мнозинство за блокирање на расправата за законските предлози, за што опозицијата во знак на протест од февруари годинава ја бојкотира работата на Собранието на Србија. Како посериозен настан се споменува претепувањето на лидерот на опозицискиот Сојуз за Србија Борко Стефановиќ, а овој инцидент иницира протести низ цела Србија. Иако граѓанските протести траат неколку недели тие укажуваат на загрижувачки долгорочни трендови на авторитарно владеење, на изборни измами и корупција во земјата, наведува Расел во својот текст.