Македонската претставничка, Тамара Тодевска, вечерва ќе настапи осма по ред во финалето на годинешната Евровизија во Тел Авив, Израел.
Тамара ќе се претстави со песната „Горда“, зад која како автори стојат Роберт Билбилов, Дарко Димитров и Лазар Цветкоски, а стиховите се дело на Коста Петров, коj е дел од евровизискиот тим во Израел.
Во финалето на Евровизија својот пласман го обезбедија 20 земји, по десет од двете полуфиналиња, а ќе настапат и претставникот на земјата домаќин Израел, и претставниците на големата петорка: Шпанија, Германија, Италија, Франција и Велика Британија.
Во ревијалниот дел на финалето ќе пее Мадона.
Последен македонски претставник што пеел во финалето на Евровизија е Калиопи. Таа во 2012 година пееше во Баку, Азербејџан, со песната „Црно и бело“.
Мотото на годинашниот евровизиски избор е „Осмели се да сонуваш“.