Претседателот на државата, Стево Пендаровски денеска ги потпиша указите за прогласување на Закон за судовите, на Закон за управни спорови, на Закон за прекршоци и на Закон за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа.
Како што информираат од неговиот кабинет, станува збор за системски закони, чиишто укази за прогласување не биле потпишани од претседателот Иванов, а додаваат дека Пендаровски го потпишал и указот за прогласување на Закон за енергетика.
– Претседателот смета дека донесувањето на овие закони и нивната идна имплементација е од витален интерес за граѓаните на Република Северна Македонија. Со донесувањето на законот за судови се исполнува едно од клучните барања на Европската унија, а со цел одредување на датум за почеток на пристапните преговори на Република Северна Македонија. Со одредбите на Законот за судовите ќе има јасни и прецизни постапки за именување и унапредување на судии, како и за разрешување на судии и нивна дисциплинска одговорност. Со новиот Закон за управните спорови граѓаните добиваат ефикасна правна заштита на своите права во управните спорови. Се зголемува транспарентноста и јавноста на постапките преку задолжителна јавна расправа. Со новиот Закон за прекршоци, граѓаните ќе плаќаат пониски казни. Овој закон директно влијае на буџетот на граѓаните бидејќи истиот предвидува опомена пред казна, но и значително намалување на казните, се наведува во соопштението.
Во него се додава и дека Законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа, ќе го унапреди функционирањето на државата во делот на работите поврзани со политичкиот систем, во однос на спроведување на Охридскиот рамковен договор, а новиот Закон за енергетика предвидува замена на фосилни горива со енергија добиена од обновливи извори.