Фото: Дарко Андоновски

Ракометарите на Металург вечерва во спортската сала во Куманово во финалето од купот ја совладаа екипата на Вардар дури по изведувањето на ударите од седум метри со 33:32 (29:29) (12:16) со што ја освоија и титулата – Шампиони во купот на Македонија за сезоната 2018/2019 година.

Ракометарите на Металург во финалната средба од купот на Македонија против екипата на Вардар направија големо ракометно изненадување совладувајки ја нашата најдобра екипа на РК Вардар со 33:32 и тоа по изведувањето на пенали, откако пред тоа натпреварот во регуларниот дел по одиграните 60 минути заврши нерешено 29:29.

Можеби никој од присутните гледачи во спортската сала во Куманово не веруваше дека вечерва ќе се случи изненадување откако првото полувреме ракометарите на Вардар го добија со 16:12, но така не мислеа само избраниците на тренерот на Металург, Оливер Димитриоски кои што најпрвин во првите десетина минути од продолжението се заканија со серија од 10:3 и во 39 минута поведоа со три гола разлика (22:19) на кој што резултат промашија и два зицери, за да потоа во наредните десетина минути не постигнат ниту еден гол што пак од друга страна екипата на Вардар со серија од 4:0 се врати во натпреварот по што по одиграните 40 минути на семафорот стоеше резултатот 23:23.

Во последните десет минути и двете екипи влегоа во егал резултат и се играше речиси по системот гол за гол што на крајот во регуларниот дел од натпреварот резултираше со нерешен резултат од 29:29. На крајот откако се пристапи кон изведување на удари од седум метри, ракометарите на Металург од серијата од пет пенали постигнаа четири гола, додека пак противникот Вардар постигна гол помалку, односно 3 гола што воедно значеше и победа, но и титула за екипата на Металург.

Вечерашниот финален натпревар покажа дека мотивот на екипата некогаш знае да биде решавачки фактор за постигнување на успех, а тој вечерва беше на страната на екипата на Металург што можеби беше и решавачки фактор на вечерашниот финален натпревар.

Најефикасни ракометари на денешниот натпревар кај победничката екипа на Металург беа Александар Шпенде со 8 и Анте Токиќ со 6 голови, додека пак кај екипата на Вардар, Иван Чупиќ со 7 и Даинис Криштопанс и Мартин Поповски со по 4 постигнати голови.

Т.Д.