Рибите за двете порибувања на езерото се обезбедени од рибникот „Акватика“ кај Неготино. Покрај порибувањето на езерото, во меѓувреме со градежни машини се уредуваи рекултивира крајезерскиот појас

Благодарение на ентузијазмот и желбата да го претворат во вистински рај за риболов, група спортски риболовци од Кичево и Кичевско, за само шест месеци вторпат го порибија Осломејско Езеро. Тие со сопствени средства придонесоа ова вештачко езеро, до вчера апсолутно непознато, да биде сѐ побогато со риба и многу попривлечно како за локалните спортски риболовци, така и за риболовците од сите краишта од земјава.

– Како и пред половина година така и овој пат, со средства собрани од спортските риболовци и ентузијасти од нашиот град, вторпат го порибивме Осломејско Езеро и придонесовме тоа да биде уште побогато со крапска риба. За второто порибување обезбедивме 1.000 евра, кои ни овозможија да обезбедиме дополнителни 600 килограми крап од сите големини, од 100 грама до 4 килограми или во езерото да пуштиме околу 1.000 нови примероци крап. Ако потсетиме дека во октомври минатата година, Осломејско Езеро го порибивме со 400 килограми риби, од кои 350 килограми крупни примероци крап и 50 килограми примероци толстолобик, тогаш за краток период успеавме езерото да го збогативме со дополнителни 1.000 килограми крапска риба – вели Мире Ночески, еден од иницијаторите за ова порибување.

Рибите за двете порибувања на езерото се обезбедени од рибникот „Акватика“ кај Неготино. Покрај порибувањето на езерото, во меѓувреме со градежни машини се уредува и рекултивира крајезерскиот појас.

– Покрај двете порибувања што за краток период ги извршивме на Осломејско Езеро, се пристапи кон преуредување и рекултивизација на крајезерскиот појас, што, пак, ќе придонесе условите за посета на езерото и за спортски риболов да бидат многу подобри. Ќе се погрижиме и крајезерскиот појас да го преуредиме во поголемиот негов дел и со тоа ќе овозможиме на ова езеро да се одржуваат и натпревари во спортски риболов, како локални така и републички или меѓународни – нагласува Ночески.
З.А.


Дивечот и болестите

Здравиот дивеч е многу подвижен, внимателен и бега при најмал знак на опасност. Болниот дивеч може да се препознае со голо око, а особено со користењето оптички помагала, како што е двогледот

Дивечот е подложен на разни заболувања. Тој може да пренесе некои заразни и паразитски болести на домашните животни, но и на луѓето. За повеќето болести на дивечот во природата не постои ефикасен начин за лекување, но со примена на разни мерки на заштита, во голема доза ширењето на болестите може да се намали.
Многу е битно болеста кај дивечот да се открие со самото набљудување на ловиштето и дивечот. Здравиот дивеч е многу подвижен, внимателен и бега при најмал знак на опасност по неговиот живот. Болниот дивеч може да се препознае со голо око, а особено со користењето оптички помагала, како што е двогледот.

Во зависност од видот на болеста, ловџијата може да забележи дека дивечот е слаб, дека има видливи телесни деформации, израстоци по телото, отоци, промени на влакното и перјата, чудно однесување, движење што се препознава по трагите што ги остава итн.
Болестите на дивечот се делат на органски, заразни и паразитски. Во ловиштето ловџијата може да најде и мртов дивеч. Притоа тој треба со голема внимателност да го пренесе мртвиот дивеч во најблиската ветеринарна станица.

Понатаму секој ловџија е должен преку ловечко здружение или самостојно да го пријави секое сомнително животно.
За секој умрен дивеч, кој ќе се сретне во ловиштето, мора да се констатираат причините за неговата смрт, но со потребна доза внимателност. Ловџиите по наредба од надлежните инспекции го отстрануваат заразениот дивеч, а под стручен надзор, пак, го закопуваат и вршат дезинфекција, дезинсекција и сл.
Ловџиските друштва во својата активност треба да носат планови и програми во кои ќе има задолжителни мерки за заштита на ловиштето од разни заразни болести на дивечот, а особено да се грижат за заштита на ловџиските кучиња од беснило. Г.И.