Фото: Игор Бансколиев

Сериозна забелешка од организациите што ги следат медиумските слободи е културата на неказнивост кога се повредуваат правата на новинарите, со што се стимулира идно насилство кон новинарите и медиумските работници. Се критикува и тенденцијата на одредени високи владини функционери што се закануваат и навредуваат новинари

Во светот денеска се одбележува Светскиот ден на слободата на медиумите, а Македонија и натаму останува заглавена во некој меѓупростор на заробена или делумно слободна земја кога станува збор за медиумските слободи.
Според последниот индекс за слобода на медиумите на „Репортери без граници“, земјата се наоѓа на 95-то место од вкупно 180 земји во светот, напредувајќи 14 места од последниот извештај, што најмногу се должи на намалените напади врз новинарите во 2018 година.
Сепак, проблемите што во континуитет се посочуваат во извештаите на организациите што ги следат медиумските слободи и натаму не се решаваат, па земјата речиси и не напредува.

Некои од овие проблеми се неспроведувањето на реформите во јавниот сервис (МРТ), потребата од измени и дополнувања на дел од медиумските закони, пред сè Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда, Законот за слободен пристап на информации од јавен карактер, но и Изборниот законик.

Покрај тоа, сериозна забелешка е и културата на неказнивост кога се повредуваат правата на новинарите, со што се стимулира идно насилство кон новинарите и медиумските работници. Се критикува и тенденцијата на одредени високи владини функционери што се закануваат и навредуваат новинари.

– Владата, правосудните органи, како и самите медиуми, потребно е уште многу да работат за да се креира амбиент што ќе биде поволен за работата на сите новинари и медиумски работници – вели претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски.

Според него, потребно е медиумските реформи да се вратат во фокусот на работата на Владата и Собранието, бидејќи само преку инклузивен и транспарентен начин може да се дојде до квалитетни решенија, со кои ќе се олесни и подобри работата не само на МРТ туку и на приватните медиуми.
– На овој начин може да се подобри довербата на граѓаните во медиумите, а нашата земја да го подобри својот имиџ во светот за нивото на слободата на изразување и независноста на медиумите и да го повтори успехот на светските индекси – додава Чадиковски, притоа потсетувајќи дека Македонија во 2007 година била на 36-то место на индексот за слобода на медиумите и дека тоа треба да биде репер кога станува збор за оваа тема.

Во споредба со балканските земји, Македонија сè уште се наоѓа на претпоследното место, пред Бугарија, но зад Словенија, Грција, Хрватска, Србија, БиХ, Косово, Албанија и Романија, што е уште еден доказ дека претстои макотрпна работа.

– Сѐ уште постојат проблеми и предизвици за македонските медиуми во реалноста: од поставување стратегиски насоки за развој на медиумите, подобрување на условите за работа на новинарите, подобрување на безбедноста во работата на новинарите, како и постојаните искушенија за одржување на професионалноста и етиката во работата на новинарите – вели Билјана Петковска, директорката на МИМ.

Самостојниот синдикат на новинарите на Македонија веќе подолго време бара секој напад врз новинар што ја извршува својата работа да се третира како напад врз службено лице, барање што за ниту една власт досега не е прифатливо.
– За реформи во медиумската сфера се зборува најмалку пет години, но реално многу малку нешто се менува. На секоја власт ѝ одговара млитава медиумска сцена, која може да се клиентизира и корумпира – вели Ѕвездан Георгиевски, в.д. претседател на Самостојниот синдикат на новинарите во Македонија.

Инаку генерален заклучок е дека бројот на земјите во светот во кои медиумските работници можат непречено да работат постојано се намалува, а авторитарните режими постојано вршат притисок врз медиумите.

На врвот на списокот на земји каде што слободата и безбедноста на новинарите се загарантирани и натаму се наоѓаат пред сѐ европски земји и земји членки на ЕУ, а првите пет се Норвешка, Финска, Шведска, Холандија и Данска, додека на дното се Туркменистан, Северна Кореја и Еритреја.


Фоторепортер на „Нова Македонија“ спречен во својата работа

Фоторепортер на дневниот весник „Нова Македонија“ се соочи со непријатности за време на првиот круг од гласањето на изборите за претседател на државата.
Имено, нему на гласачко место во Шуто Оризари, но и во Чаир, не му било дозволено да го фотографира изборниот процес, иако ги поседувал сите потребни акредитации.
– На овие избори првпат бев исфрлен од страна на полицијата надвор од гласачкото место, која не ми дозволи да фотографирам. Изгубив драгоцено време докажувајќи им на полицајците, но и на претседателите на изборните комисии дека имам право да внесам фотоапарат и дека моја работа е да го фотографирам настанот – вели Дарко Андоновски, фоторепортер во „Нова Македонија“.
Тој изрази зачуденост од недоволното познавање на правилата од страна на претседателите на изборните комисии, но и од полицајците.
– Дојдов во ситуација кога една претседателка на избирачкиот одбор ми кажа дека била четири часа на обука и дека никаде не слушнала дека некој може да фотографира на изборно место. Буквално се фрапирав од она што ми го кажа – додава Андоновски.

Фото: Игор Бансколиев