Фото: Маја Јаневска-Илиева

Претходната година се фатени 20.573 возачи без возачка. Процените покажуваат дека околу 56 возачи дневно возат без таков документ

Според информациите од билтенот на Министерството за внатрешни работи, во текот на 28 март годинава, Секторот за внатрешни работи – Скопје од сообраќај исклучил 25 возачи, од кои 19 затоа што управувале возила без да се стекнат со право за управување и шест возачи затоа што биле возачи почетници. Исто така, исклучени од сообраќај биле и 22 возила, бидејќи биле нерегистрирани.

СВР – Скопје постојано врши рутински сообраќајни контроли. При тие контроли се затекнуваат голем број возачи што возат без возачка дозвола, тоа го докажуваат податоците од билтенот на Министерството за внатрешни работи. Според билтенот на МВР за 21 и 22 април, од сообраќај биле исклучени 39 возачи, од кои 34 биле без положен возачки испит, четворица возачи почетници, еден под дејство на алкохол, а биле исклучени и 22 нерегистрирани возила.

Возењето технички неисправно возило претставува опасност по безбедноста во сообраќајот, но и возењето на возилото од неискусен возач претставува сообраќајна опасност. При полициските проверки што се вршени, особено на територијата на Скопје, голем дел возачи се затекнати без возачка дозвола, а такви се најмногу млади и неискусни лица. Експертите велат дека таквата појава дополнително ја зголемува опасноста од предизвикување сообраќајни несреќи.

Полицијата често фаќа неискусни возач, обично млади возачи, кои често го немаат положено возачкиот испит. Ваквите лица што не поседуваат возачка дозвола претставуваат сериозна закана во безбедноста во сообраќајот. Во претходни контакти, од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата ни имаат споделено информации дека дел од факторите на влијание во безбедноста на сообраќајот претставуваат созреаноста и искуството. Според нив, кај младите возачи има поголем ризик од сонливост при возење, тие повеќе се склони кон преземање ризик, возат побрзо од дозволеното, помалку држат безбедно растојание меѓу возилата, неправилно престигнуваат, помалку се стрпливи и помалку толерантни во сообраќајот. Според законот, толеранцијата за присуство на алкохол во крвта кај возач почетник е еднаква на нула. Како што може да се забележи, младите возачи се посклони да направат некаков прекршок, а непочитувањето на овие одредби е причина за предизвикување голем број сообраќајни незгоди.

Официјалната статистичка евиденција на Министерството за внатрешни работи покажува дека во текот на 2018 година против возачи се поднесени вкупно 20.573 барања за поведување прекршочна постапка, што сепак е голема бројка. Лани дневно биле откривани по 56 возачи што возеле без возачка дозвола. Сообраќајните експерти велат дека е потребно да се пристапи кон поголема едукација за последиците од несовесното постапување во сообраќајот кон помладата популација, кон оние што треба да бидат идни возачи.

[email protected]