Ортодоксните Евреи и по илјадници години сѐ уште го чекаат месијата. Неортодоксните граѓани на Македонија, уште ден-два до изборот, го чекаат спасителот – новиот претседател на државата Северна Македонија. Кој ќе биде, ако биде, тој месија? Стево Пендаровски или Гордана Сиљановска-Давкова, прашање е сега! Месија има значење на спасител, ослободител, мисионер, човек што добил голема благородна задача, обновител, носител на нови, оригинални, спасоносни идеи, реализатор, нивен исполнувач. Оној што се жртвува во име на општото добро, што е согласен да биде жртвено јагне за доброто на другите
Помина Велигден лето 2019. Многу нешта останаа исти, но во разни варијанти. Христос повторно воскресна како уште една надеж на човештвото. Груевски осуден и распнат на сдсмовски крст нема да стане светец. Иако сега полувоскреснат, како за инает на противниците, прв од Македонците стана легален и признаен граѓанин на Европската Унија, додека другите ќе чекаат уште со години да го добијат тој прозападен статус. Заев, како власт, уште еден мал чекор на Македонија маестрално од Берлин го прогласи за историска победа на Северна Македонија и води беспоштедна, железна борба за 500 евра просечна плата. Не најмала, туку во просек. Мицкоски, на чело на опозицијата, гради позиција на владин антихрист и си го носи товарот на лажен пророк, неповикан бранител на обвинетите и затворените.
Господин господин Стефан, поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, распнат меѓу политиката и црквата, годинава, на утринската велигденска литургија, беше прескокнат од највисоките државни гости. Сигурно не му е сеедно што тие лично присуствуваа на католичката вечерна миса, а нему не му ја укажаа таа православна почест и почит. Нема тука политика, ќе рече некој. Сѐ е случајно, би кажале наивните и портпаролите. Бугарите ни дарија дел од ерусалимскиот свет оган во знак на доближување меѓу мајката и ќерката, најверојатно покажувајќи не само црковна блискост. Грците на Халкидики со отворени врати, првпат во нивната туристичка историја, ги пречекаа своите дарежливи соседи, новоименуваните Северномакедонци, истите оние што до вчера ги викаа скопјаноси.
Ете, во такви локални околности беше пречекано Христовото воскресение кај нас. За разлика од православните верници, ортодоксните Евреи што не го признаваат Исуса и по илјадници поминати години сѐ уште го чекаат месијата. Неортодоксните граѓани на Македонија, уште ден-два до изборот, го чекаат спасителот – новиот претседател на државата. Кој ќе биде, ако биде, тој месија? Стево Пендаровски или Гордана Сиљановска-Давкова, прашање е сега!
Што значи зборот месија, од каде доаѓа, каде му се корените? Еврејскиот збор месија значи помазаник, оној врз кого е извршено божјо помазание со свето масло. Исто така и грчкиот збор Христос значи помазаник. Без да навлегуваме во подетални објаснувања и описи, ќе кажеме дека месија е првобитното име, титула за духовниот и световен владетел на израелскиот народ, подоцна олицетворение на спасител, кој според ветувањето на Бога ќе ги спаси Евреите од сите неволји. Тој по распадот на израелското царство би бил очекуваниот идеален владетел на новосоздаденото.
Месија, всушност, бил оној избран од Бога (крал, цар, висок свештеник) што бил востоличуван преку помазување со свето масло. Очекувања на месијата како спасител и владетел во иднината постоеле и кај други антички народи. Тоа очекување било исполнето со надежи дека кога ќе дојде тој ќе донесе слобода, мир, рамноправност и благосостојба. Чекање на ветената златна доба за народот, вера за доаѓање на месијанско кралство, кралство во кое ќе владеат вистината, мирот, слободата и правдата. Помазаник, истовремено и цар и врховен свештеник, духовен водач, своевремено бил и Александар Македонски, кој верувал дека е син на Бога.
Библијата прорекла дека месијата ќе дојде на Земјата и ќе ги спаси луѓето од болести, страдања и умирања, кој со текот на времето ќе воспостави кралство на мирот и правдата. Месијата ги лекува телото и духот, тој проповеда, ослободува од неволји, утешува неутешни. Тој шири надеж, им носи добри вести на живите, ги лекува раните на телото и на душата, на робовите им дава слобода, на затворениците им ги отвора темниците, со своите дела дава милост и успокојува нажалени, усреќува несреќни. Во таа смисла за христијаните, во христијанската религија, месијата на светот веќе дошол преку Исус Христос, за што говори и самото второ име Христос, кое во превод од грчкиот јазик значи помазаник – спасител. Иако влегол во Ерусалим на магаре, иако бил осуден и распнат на крст, неговите следбеници утврдиле дека тоа е човекот-бог што го навестувале старозаветните пророци и кој ги исполнувал сите критериуми опишани во Светото писмо.
Во преносно значење, месија е оној што е повикан да оствари некоја голема мисија. Фигуративно, општо прифатено, говорно и политички, месија има значење на спасител, ослободител, мисионер, човек што добил голема благородна задача, обновител, носител на нови, оригинални, спасоносни идеи, реализатор, нивен исполнувач. Оној што се жртвува во име на општото добро, што е согласен да биде жртвено јагне за доброто на другите.
Кога ќе се преслушува (препрочитува) досегашната кампања на двајцата кандидати за избор на претседател на Република Северна Македонија (уставно, а не народно име на државата), јасно ќе се забележи дека Пендаровски и Сиљановска и нивните партиски промотори не само што ги користат во своите говори месијанските мотиви туку и се претставуваат како вистински спасители на државата и на нејзините граѓани. Зборовите вистина, мир, правда, слобода, рамноправност, благосостојба се основните точки на кои се потпираат нивните програми, препишани како од библиски книги во модерна и современа верзија. Нивните пророштва за доаѓање на „златна доба на земјата“ (ако тој/таа биде избран/а), за наоѓање лек за сите државни болести, за искоренување на неправдите, за одење напред, по патот на светлата, блескава иднина, кон живот во рајот, а не враќање назад во пеколот, колку што се реални и современи исто толку имаат призвук на нешто далечно, одамна речено, повеќепати видено, но неостварено.
Како што споменавме на почетокот, многу религии како клучен настан во историјата на човештвото и на својата локална историја го негуваат култот на доаѓање на месијата, личност што ќе ги спаси луѓето од сите зла на светот. Во Светото писмо постојат дури 332 различни пророштва во врска со доаѓањето на месијата. Пророците опишале многу детали сакајќи луѓето во иднина да го препознаат кога ќе се појави, да не бидат во дилема дали е тој вистинскиот. Но, исто така, се укажува и на појавата на лажните месии, кои знаеле да го заведуваат народот и да го однесат во погрешна насока од посакуваната. А таквите не биле малку на број. Интересно е што во сите пророштва, во сите визии на пророците спасителот е замислен како маж. Нема визија според која месијата се појавува како жена.
Сега останува граѓаните на Македонија, на слободни и фер избори, меѓу кандидатите Сиљановска и Пендаровски да го препознаат вистинскиот спасител и да го помазаат како избраник, не божји туку народен.