Годините во минатото полни со празни ветувања и разочарувања само го зголемуваат незадоволството кај народот, кој токму на изборите решава каква порака ќе испрати. И додека и власта и опозицијата ги толкуваат изборните резултати од првиот круг на претседателските избори во своја полза и се прогласуваат за победници, реалноста е сосема поинаква. Таа покажува не само големо осипување на гласовите кај двете најголеми партии во споредба со претходни гласања и изборни циклуси, туку и разочараност, апатија и голема недоверба на граѓаните и кон едните и кон другите
Како по обичај, сите прогласија победа во неделата вечер по завршувањето на првиот круг од претседателските избори, и владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Но и покрај изнасилената еуфорија и стандардниот партиски декор, на лицата на лидерите што се обратија по завршувањето на изборниот ден не можеше да не се забележат киселата насмевка, нервозниот говор на телото, како и речиси идентичните пораки дека во вториот круг ќе однесат убедлива победа. Но политичките очекувања се едно, а реалноста нешто сосема друго.
И власта и опозицијата таа постизборна ноќ по првиот круг од претседателските избори не сакаа да признаат дека всушност се губитници, дека претрпеа пораз од граѓаните, дека добија црвен картон од народот во кој и двете партии и коалиции се колнеа со години, но СДСМ на референдумот за името што се одржа на 30 септември минатата година, заедно со коалициските партнери успеа да го придобие гласот на речиси 610.000 граѓани, респектабилна бројка, која им даваше надеж дека ќе имаат одличен резултат на првите следни избори, во случајот претседателските. Дотолку повеќе што реториката и кампања на власта и за референдумот и за првиот круг од претседателските избори остана главно иста, односно во фокусот беа евроинтеграцијата и нашето членство во НАТО и во ЕУ.
Сепак не остана ист и бројот на освоени гласови за разлика од референдумот, односно тој се преполови од над 600.000 тогаш, на нешто над 300.000 гласа сега.
Од друга страна, опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ тогаш тврдеше дека 1.100.000 граѓани не излегле на референдумот, и дека токму таа бројка е онаа што се противи на политиките на владата на премиерот Зоран Заев, потајно надевајќи се дека голем дел од овие гласови ќе завршат на нивното конто при првите следни избори. Се покажа дека и овие претпоставки не се реални и опозицијата доби многу помал процент гласови одошто се шпекулираше. На крајот на денот, ниту едните, ниту, пак, другите успеаја да остварат бројка од која ќе бидат вистински задоволни и која требаше да ги потврди нивните проекции. Според ДИК, кандидатот за претседател на државата на СДСМ Стево Пендаровски освои 323.846 гласа, кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Сиљановска-Давкова освои 319.240 гласа, додека Блерим Река зад кого застанаа Беса и Алијансата на Албанците, ја доби довербата од 79.915 гласачи. Кога ќе се погледнат овие резултати, се чини дека само Река остварил респектабилен резултат, но се поставува прашањето каде се стопиле оние 300.000 гласа на СДСМ и коалицијата или, пак, приближно исто толку колку што очекуваше и на кои се надеваше ВМРО-ДПМНЕ, повикувајќи се на исходот од референдумот минатата година.
Според Пендаровски, на резултатот во првиот круг од претседателските избори влијаеле тешките политички одлуки што биле донесени изминативе две години, додека е СДСМ на власт, како договорите со Грција и со Бугарија, но и Законот за јазиците.
– Ние ја разбираме пораката од граѓаните, а тоа е дека некои од нив не се задоволни од одредени економски проблеми, локални нерешени прашања, затоа што зад мене застанаа политички партии и можеби незадоволството се должи на нешто што го очекувале граѓаните, а не го добиле од политичарите. Не сум изненаден од резултатот и анкетите покажаа вакви тенденции, но, сепак, се надевам дека гласачите ќе го препознаат мојот концепт и ќе ми ја дадат поддршката во вториот круг – вели Пендаровски.
Според ВМРО-ДПМНЕ, резултатот остварен во првиот круг од претседателските избори за нив е огромен успех, без оглед на, како што велат, притисоците, уцените и злоупотребите на државните ресурси од страна на власта.
– Не е исто гласањето на референдумот и гласањето на претседателските избори. Таму луѓето требаше да се определат дали се согласуваат со додавањето на придавката „северна“ на уставното име, како и за Преспанскиот договор, така што голем број луѓе не излегоа и не го поддржаа тоа – вели Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Од друга страна, според аналитичарите, причина за осипувањето на гласовите кај СДСМ се должи на лошото владеење изминатиот период.
– Причината за огромниот пораз на СДСМ ја гледам во исклучително лошото и однародено владеење на власта. Листата на негативни политики од нивна страна е многу долга, но моментот на изневереност е тоа што власта во овој период не успеа да ги исполни ветувањата што ги даде пред граѓаните – вели Александар Пандов, аналитичар.
Тој додава дека корупцијата во државата, немањето реформи, непотизмот, немањето инвестиции, како и масовниот егзодус на граѓаните од земјава, се причините за овој резултат.
Од друга страна, според аналитичарите, ниту опозицијата не треба да биде задоволна од изборните резултати бидејќи бројките и анализите покажуваат дека кај граѓаните постои разочараност и од нивните политики, од одредени нејасни и спротивставени тези и немањето јасен концепт за иднината. Како и да е, времето до вториот круг е многу кратко, а партиите тешко ќе можат одново да го убедат народот дека тие треба да ја добијат неговата доверба. Годините во минатото полни со празни ветувања и разочарувања само го зголемуваат незадоволството кај народот, кој токму на изборите решава каква порака ќе испрати. Овој пат пораката до сите беше јасна – црвен картон и за власта и за опозицијата. Колку истата таа е разбрана од страна на политичарите и што во меѓувреме ќе се промени останува да видиме.