Тимовите на СД Барселона сезонава се во трка по шест европски титули, во фудбал за мажи, младинци и за жени, потоа во футсал, ракомет и во кошарка

Спортското друштво Барселона сезонава може да оствари несекојдневен шесткратен успех со титули во Европа. Тимовите на шпанскиот спортски гигант се во конкуренција за шест европски титули.

Машкиот фудбалски тим игра со Ливерпул од Англија во полуфиналето на Лигата на шампионите (ЛШ), младинскиот е во полуфиналето на младинската ЛШ, ќе се сретне со Челси од Англија, а женскиот сениорски е на прагот на влез во финалето, по победата во првиот меч од полуфиналето над Баерн од Германија на гости. Тимот во футсал се пласира на фајналфорот во ЛШ и во полуфиналето ќе се сретне со Каират од Казахстан.

Ракометниот клуб е во четврт-финалето на елитното клупско натпреварување, го чекаат дуели со Нант од Франција за пласман на фајналфорот. Кошаркарскиот тим, пак, во четврт-финалето на Евролигата игра со Ефес од Турција и, по првите два дуела, е 1-1 (следните два меча Барселона ги игра дома, а се игра до три победи).