Нападот на 27 април во Собранието не беше напад против нас туку против демократијата, тоа беше повеќе од криминал, рече меѓудругото премиерот Зоран Заев на заедничката прес-конференција во Собранието на РМ со претдсетлот на Парламентот Талат Џафери, на годишнината од насилствата на 27 април.
Заев кажа дека се уште не може да прифати дека некои од оние што влегоа во Собранието тој ден биле подготвени и за ликвидација на некои припадници во Собранието.
Премиерот потенцираше дека мора да има правна разрешница на случајот и дека, сепак, овој настан ги поттикнал уште повеќе реформите.
Претседателот на Собранието Џафери кажа дека тој може да им прости на сите оние што предизвикаа насилство на 27 април, но дека како прв парламентарец нема да дозволи тоа да се повтори. Им се заблагодари на сите оние што им помогнале да се излвечат од таа ситуација на 27 вклучувајќи ги и некои припадници на МВР.
– После година дена влегувам овде и го имам истото она чувство и се присетувам на ситуација кога во еден момент треба да мислам за живот или смрт. Ситуација кога маса граѓани насилно влегуваат и мислиш дека според она што е поставено системски не може да се влезе во Собранието, колку и да има луѓе однадвор. Чувството дека некој одвнатре тоа го прави е уште потешко. За жал, дознавме дека тоа одвнатре го прават наши колеги кои делат иста судбина и јадат ист леб. За жал, дел од тие кои беа и се обврзани да ги обезбедуваат животот и работа на пратениците и на службениците во Собранието не беа на нивото на својата задача, рече Џафери.
На прес – конференцијата присуствуваа и пратеници на СДСМ и ДУИ, градонацалници и министри, кои лани беа во пратеничките клупи, припадници на МВР….