По завршувањето на Втората светска војна, САД пилотираа со трансатлантската безбедност. Но под водство на Трамп, Америка ги губи лидерските капацитети. Сега не е јасно ниту кој за што е надлежен во администрацијата на Трамп. Денес, познатото прашање на бившиот државен секретар на САД Хенри Кисинџер „кого да барам ако сакам да се јавам во Европа“ може многу лесно да се упати и на другата страна од Атлантикот
Трансатлантската безбедност денес многу личи на авион без пилот. Со онеспособен екипаж, без идеи или лидерски капацитети, авионот лета со автопилот додека не удри во нешто или не остане без гориво, по што би почнал да паѓа. За да се избегне катастрофа, управувачите во пилотската кабина треба што побрзо да се разбудат.
Од крајот на Втората светска војна, САД, како доминантна сила во Европа и во светот, пилотираа со трансатлантската безбедност. Но под водство на претседателот Доналд Трамп, САД ги загубија лидерските капацитети. Навистина, дури не е јасно ни кој во администрацијата на Трамп за што е навистина надлежен. Денес, познатото прашање на поранешниот државен секретар на САД Хенри Кисинџер „кого да барам ако сакам да се јавам во Европа“ може многу лесно да се упати и на другата страна од Атлантикот.
Кога Трамп дојде на власт, американските сојузници во Европа (и во поголем дел од остатокот од светот) мислеа дека го знаат одговорот на тоа прашање. Тие се надеваа дека што и да излезе како соопштение од Белата куќа, САД на крајот ќе ги поддржат трансатлантските структури. Политиката на САД, си велеа тие, нема да биде диктирана од Трамповите тиради на Твитер, туку од посигурни „возрасни“ членови на неговата администрација: Рекс Тилерсон, првиот државен секретар на Трамп, Х.Р. Мекмастер, втор советник за национална безбедност на Трамп и Џејмс Матис, бившиот секретар за одбрана на Трамп.
Сега нема ниту еден од нив. Матис си замина по ненадејната објава на Трамп дека ќе ги повлече сите американски војници од Сирија, клучна политичка одлука што беше донесена набрзина и против советите на Матис и на неговото министерство за одбрана. Тој во писмото во кое поднесе оставка го осуди Трамп зашто не ги третирал сојузниците со почит и зашто не ги гледал со отворени очи малигните актери и стратегиските ривали. Матис за Трамп изјави дека има право на министер за одбрана, чии ставови ќе бидат усогласени со неговите.
Имајќи го предвид образложението на Матис за повлекување од функцијата секретар за одбрана на САД, некој може да си помисли дека неговата оставка барем ќе ја направи малку попредвидлива американската политика. Наместо да се прашува дали САД ќе го напуштат НАТО, како што посочуваше Трамп, или ќе ја поддржи Алијансата, како што претходно ветуваа високи функционери од неговата администрација, Европа може да реагира на една единствена порака. Таа порака може да биде несакана или опасна, но барем ќе знае на што е.
Но непредвидливите, спротивставени пораки продолжуваат да опстојуваат, па дури и да се засилуваат. На 19 декември, по телефонскиот разговор со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, Трамп на Твитер напиша: „Ја победивме Исламска држава во Сирија, единствената причина зошто останавме таму за време на мојот претседателски мандат“. Наредниот ден, тој твитна: „Русија, Иран, Сирија и многу други не се задоволни зашто сега ќе мора без нас да се борат против Исламска држава и сите други што ги мразат“.
Потоа, во почетокот на јануари, американскиот советник за национална безбедност, Џон Болтон, беше испратен на Блиски Исток за да ги увери нервозните сојузници, особено Израел, во исправноста на одлуката на Трамп. Овие земји беа загрижени дека наглото повлекување на американските сили ќе ѝ овозможи на Исламска држава да преживее, па дури и да закрепне, дека ќе ги остави курдските сили, кои беа составен дел од борбата против Исламска држава, изложени на турски напади, а и дека ќе овозможи неограничено позиционирање на Иран во Сирија.
Ова беа легитимни грижи – всушност, тие беа толку легитимни што големата објава на Трамп за Сирија брзо беше релативизирана. Болтон нагласи дека повлекувањето на САД ќе зависи од целосното совладување на Исламска држава и од турските гаранции дека нема да ги напаѓа американските курдски сојузници. Сепак, во отсуство на возрасни што јасно ќе кажат што да се прави, администрацијата на Трамп заборави да ги договори овие нови услови со Турција. Навредениот Ердоган го откажа планираниот состанок со Болтон за да разговара за повлекувањето. Сириската политика на администрацијата на Трамп сѐ уште е отворено прашање.
Но ова не беше резултат на превид или неорганизираност во администрацијата на Трамп. Ниту, пак, беше случај на неефикасно или погрешно раководство. Она што се случува со американската надворешна политика го одразува недостигот од каков било вид лидерство воопшто. Во овој момент, никој не знае што точно претставува американската политика, па дури ни кој ја креира. Затоа, воопшто не изненадува фактот што целата трансатлантска заедница е збунета.
Неодамна ветераните на меѓународната политика и дипломатија се собраа на годишната безбедносна конференција во Минхен. Конференцијата со текот на годините се развиваше и денес ги покрива глобалните проблеми, но нејзиното јадро и понатаму е трансатлантската заедница. Конференцијата беше голема можност отворено да дискутира за крајниот недостиг од лидерство во трансатлантската безбедност, но наместо тоа светот таму виде две Америки.
Конференцијата лани избра главна тема со полунадежен наслов „До работ и назад“, а годинава тој требаше да биде „има ли некој во пилотската кабина“. Во момент кога се одбележуваат 70 години од НАТО, Американците може да одговорат дека има, ама тоа сигурно не е се тие.
Паласио е бивша министерка за надворешни работи на Шпанија