Македонија и Исланд играа и во минатите квалификации Фото: Маја Јаневска-Илиева

На поширокиот список на селекторот Брестовац за квалификациските дуели за пласман на ЕП 2020 има девет интернационалци и 19 ракометари од македонските тимови

Селекторот на македонската машка ракометна репрезентација Данило Брестовац го објави поширокиот список со 28 репрезентативци на кои ќе смета за двата квалификациски натпревари со селекцијата на Исланд, за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2020 година што ќе се игра во Норвешка, Шведска и во Австрија.

– Ова е список на сѐ квалитетно што го имаме во овој момент. Најважно е сите да се здрави, да дојдат навреме. Ќе имаме два тренинга пред мечот со Исланд на гости, а тренинзите ќе бидат со минимален интензитет. Акцентот ќе биде ставен на тактичкиот дел. Скратениот список ќе го објавам по првенствениот меч Металург – Еурофарм – вели Брестовац.

На списокот на селекторот има девет интернационалци и 19 ракометари од македонските тимови. Од домашните, седуммина се од Металург, шестмина од Еурофарм, по двајца од Вардар и од Пролет и по еден од Пелистер и од Струга.
Селекторот на списокот ги врати Дарко Димитриевски, Стефан Дрогришки и Милорад Кукоски, а ново име меѓу голманите е Градимир Чаневски. Прв повик за сениорската репрезентација добија левото крило Бојан Маџовски, десното крило Ненад Костески и пикерот Филип Арсеновски. Од стандардните репрезентативци, на списокот на селекторот го нема левиот бек Филип Лазаров, а слично како и на претходниот список, во изборот на селекторот ги нема натурализираниот бек Немања Прибак, потоа централниот бек Филип Миркуловски и левото крило Гоце Ојлески.

Првиот квалификациски натпревар со Исланд македонските репрезентативци треба да го играат на гостински терен, во Рејкјавик, на 10 април, а реваншот е четири дена подоцна во Скопје. Во исто време од групата три ќе играат Турција и Грција. По две кола, води Исланд со четири бода, пред Македонија и Грција со по два, а Турција е без бодови. На ЕП ќе играат првопласираните две репрезентации од секоја од осумте групи, како и четирите најдобри меѓу третопласираните. Директен пласман на континенталното првенство обезбедија европскиот првак Шпанија и домаќините Норвешка, Шведска и Австрија.


ПОШИРОК СПИСОК
ГОЛМАНИ
Борко Ристовски Бенфика
Никола Митревски Констанца
Мартин Томовски Металург
Градимир Чаневски Еурофарм Работник
КРИЛА
Дејан Манасков Веспрем
Бојан Маџовски Металург
Димитар Димитриоски Металург
Ненад Костески Струга
Гоце Георгиевски Букурешт
Мартин Поповски Вардар
БЕКОВИ
Стефан Дрогишки Пелистер
Филип Талески Левен
Мартин Серафимов Металург
Велко Маркоски Констанца
Дарко Димитриевски Балонмано
Кирил Лазаров Нант
Горан Крстевски Еурофарм Работник
Марио Танкоски Металург
Томислав Јагуриновски Металург
Филип Кузмановски Еурофарм Работник
Филип Чурлевски Еурофарм Работник
Ласко Андоновски Пролет
Милорад Кукоски Еурофарм Работник
Мартин Манасков Пролет
ПИКЕРИ
Никола Маркоски Еурофарм Работник
Стојанче Стоилов Вардар
Жарко Пешевски Мотор
Филип Арсеновски Металург