Андов напишал книга за атентатот на Киро Глигоров. И во неа, меѓу другото, го обвинува и Фрчковски. Како што Оливер Стоун ги обвинува ЦИА и нејзини функционери, како што Мајкл Мур ги обвинува Бушови. И како што имате илјада примери низ светот
Судот го забрани филмот на Оливер Стоун „Џ.Ф.К.“ во кој се зборува за вмешаноста на ЦИА во атентатот на Кенеди. Судот го забрани филмот на Мајкл Мур „Фаренхајт 9/11“, во кој авторот ги разоткрива бизнис-врските на фамилиите Буш и Бин Ладен. Можете да си замислите вакви наслови по весниците? Секако дека не можете. Сеедно што САД во моментов се светски диктатор, а нивната политика е валкана и нечовечна. Нивните судови не би ни помислиле да забранат книга, биографија или филм. Напротив, Оливер Стоун доби три, а Мајкл Мур еден „оскар“ за гореспоменатите дела. А во нив директно се обвинети живи политичари и функционери на ЦИА за сериозни злосторства.
Судот ја забрани книгата на Стојан Андов. Е, ваков наслов можете да прочитате. Осамна во четвртокот низ сите медиуми. Андов напишал книга за атентатот на Киро Глигоров. И во неа, меѓу другото, го обвинува и Фрчковски. Како што Оливер Стоун ги обвинува ЦИА и нејзини функционери, како што Мајкл Мур ги обвинува Бушови. И како што имате илјада примери низ светот. Освен во Македонија под окупација на северџанистанците. Кои, пак, за ЕУ и НАТО се врвни демократи, реформатори и визионери. Затоа му спремаат „нобел“ за мир на политичката марионета и лидер на северџанистан. Чиј, пак, суд врши терор. Најпрво државата го забрани серискиот филм „Македонија“, чие сценарио го пишував јас, и крена безумна медиумска хајка против продуцентот и авторите. Следуваше забрана на филмот „Ругање со Христос“ на режисерот Јани Бојаџи. Пред некој ден се огласи и актерот Сашо Тасевски дека во Прилеп му е забранет стендап-настап со наслов „Северно од Македонија“.
Во меѓувреме беа забранети неколку ТВ-емисии. Луѓе се приведувани и малтретирани во полициски станици за фејсбук-статуси. Еве, на ред дојде Стојан Андов. Неговата книга го навредувала Фрчковски. И судот ја забрани. Како за време на Третиот рајх и сталинизмот. Наскоро ќе почнат и со палење книги на плоштад. Ич да не ве чуди.
Немојте да мислите дека имам некое високо мислење за Стојан Андов. Воопшто. Но одлуката на судот да ја забрани книгата е повеќе од скандалозна. Тоа е чист доказ, потврда за диктатура. Денес оваа книга, утре ќе биде некоја друга. Ќе се најде секогаш причина некој да биде навреден од некаква содржина. Особено сега кога на сцена стапија инквизициските сили на забеганите невладини активисти што преку алатките „политичка коректност“ и „говор на омраза“ сакаат да ја униформираат мислата и да ги цензурираат чувствата. УДБ-а и Орвеловата „1984“ ни стануваат реалност. Од ден на ден влегуваме во позабегана и порепресивна состојба. Пресудите за настаните од 27 април не се драконски, тие се монструозни. Со оглед на фактот дека случајот е политичко-полициска конструкција, а обвинението неиздржано, пресудата е одмазда и ништо друго. Брејвик уби 77 луѓе и доби 21 година казна. Јане Ченто му влепил шлаканица на Заев и доби 15 години. Мизерна власт, мизерно судство. Или, поинаку кажано, во диктатура судот е џелат.
Македонија ќе му испорачува на НАТО по два милиони евра од буџетот секоја година. Тоа е членарина. Прекрасно! Веројатно за возврат нашите војници ќе добијат волнени чорапи. Со стоплени нозе да газат врз мртви цивили онаму каде што НАТО во иднина ќе ги спроведува своите геноцидни кампањи. Реално, членарината треба да ја плаќаат само забеганите северџанистанци што се палат на НАТО. На оние најглупите меѓу нив, кои мислат дека воената алијанса ќе ја зајакне економијата, треба да им се дуплира.
УСАИД објави интересна видеопорака. Во неа ги советува мигрантите како да аплицираат во северџанистан. Им објаснува дека тука ќе добијат стан, вработување, социјална помош. Две години така. Додека не се адаптираат во протекторатов. Не ми е јасно. Од кога тоа УСАИД почна да паѓа на фејкњуз? Колку што јас знам и се сеќавам, доаѓањето на мигранти од Блискот Исток и Африка беше измислица што ние „небањатите“ ја ширевме како зараза. Власта, интелектуалната бижутерија и шарените луѓенца нè правеа малоумни. Како многу вистини досега и ова беше само во нашите вмровски глави. Тоа е логично. Дека е само во нашите глави. Не може да има нешто во главите на празноглавите.
Мене нема да ми пречат мигрантите. Го читам Куранот, го почитувам исламот, знам дека новиов холокауст врз Македонците не доаѓа од Сирија, Авганистан, Либија, туку од САД, ЕУ и НАТО, јасно ми е како два и два дека западната изопачена моќ изврши геноцид на Блискиот Исток, што е, нели, европска традиција. Ќе ми биде чест да се покажам како добар домаќин. Планирам да се дружам со нив. Често ќе ги носам на журките каде што излегуваат најпрогресивните луѓенца, интелектуалната бижутерија, лажната скопска авангарда и шарените револуционерчиња. Имам гадно чувство дека многу брзо на површина ќе излезе прикриениот нацифашизам на тукашниве „ексепшенал“ зомбија. Или тоа е само во мојата глава. Не сум баш сигурен.
Хм, синот на Гордана Силјановска свирел кавал во парк. Какво само злосторство. Какво нецивилизирано однесување. Дечко, па ти си сељачиште! Ало, бре, наместо да фатиш да промовираш јавно „свирење“ на нечиј „кавал“, па да си добиеш некој странски грант за промовирање права на сексуални малцинства, ти стварно си фатил да свириш кавал. Па, уште деца те гледаат.
Со цензурата на оваа инсталирана диктатура почнав, така и ќе завршам. Очекувам судот да ја забрани „Бушава азбука“. Во неа, сега веќе покоен, авторот Горан Стефановски, направил кривично дело, кое во иднина може да им попречи на северџанистанските ЕУ-интеграции. Тој во своето сценарио најбрутално посочува дека постојат македонски јазик и негови дијалекти во Егејска Македонија. Гледате ли под каква тортура на македонизмот растеле денешниве прогресивни, либерални, урбани и три прста за ЕУ отворени северџанистанци? Со какви само трауми било исполнето нивното кревко детство. Да тврдиш дека е македонски некој таму непознат јазик за кој само Грците смеат да кажат чиј е и каков е, па, луѓе мои, тоа е едно невидено злосторство. Како и она што се случи во четвртокот вечерта на арената „Филип Втори“, каде што беше присутен Стево Пендаровски, тој блескав примерок на северџанистанската цивилизација. Судот итно мора да го забрани она дивјачко скандирање „Македонија, Македонија“, оти Стево гарант бил хоспитализиран од онолкаво количество варваризам со кој дивјаците му ги наполнија ушите. Не сакам ни да замислам какви само трауми доживеал. Тоа е исто како некој да го грабне и насила да му пушта антиевропски звуци на кавал. Ужас!