Граѓаните што остануваат со универзалниот снабдувач важно е да знаат дека цената на енергијата останува непроменета до јуни, кога се носи нова одлука за цената на струјата
Со изборот на универзален снабдувач на електрична енергија се комплетира процесот за либерализација на пазарот на струја во Македонија. Очекувањата на домашните експерти и на јавноста беа дека овој чекор ќе ја зголеми цената на енергијата, но засега таа останува иста, додека граѓаните остануваат на регулираниот пазар, односно до јуни оваа година.
– Со Законот за енергетика донесен во мај 2018 година, целосно се имплементира третиот енергетски пакет на ЕУ, се создадоа услови за целосна либерализација на пазарот на електрична енергија и првпат сите потрошувачи на електрична енергија стекнаа право сами да го изберат својот снабдувач со електрична енергија. Од 1 јануари 2019 година сите потрошувачи на електрична енергија, без исклучок, се стекнаа со правото да го изберат својот снабдувач со електрична енергија. Малите потрошувачи и домаќинствата своите потреби за електрична енергија можат да ги обезбедат на слободниот пазар на електрична енергија по пазарни цени или, пак, на регулираниот по определени цени – објаснуваат од Регулационата комисија за енергетика.
Засега на регулираниот пазар нема поскапување на струјата, а нема такви очекувања ниту за слободниот пазар. Граѓаните што остануваат со универзалниот снабдувач е важно да знаат дека цената на енергија останува непроменета до јуни кога се носи нова одлука за цената на струјата. Од неодамна е избран и универзален снабдувач, „ЕВН Македонија“, компанија што е должна да ги снабдува со струја домаќинствата и малите потрошувачи што не избрале од каде ќе се снабдуваат со енергија.
– Либерализацијата овозможи постигнување реални цени за крајните потрошувачи, кои ги рефлектираат реалните трошоци за извршената услуга, па така најголема бенефиција почувствуваа потрошувачите на индустриска струја, кои од 1 јануари 2019 година одлучија своите потреби за електрична енергија да ги обезбедуваат на слободниот пазар на електрична енергија. Со излегувањето на слободниот пазар нивните вкупни трошоци за електрична енергија се намалија за 20 до 30 проценти – велат од регулаторното тело.
Експертите посочуваат дека поскапувањето на цената на електричната енергија е неопходен процес, кој се случува во сите земји што го либерализирале пазарот, но и поради постојаниот раст на цените на енергентите.
– Гледано долгорочно, со либерализацијата граѓаните ќе имаат големи придобивки, ќе се стабилизира пазарот на електрична енергија и потрошувачите ќе добиваат квалитетна услуга. Досегашното искуство во земји каде што е воведена либерализацијата покажа дека има пораст на цените, и факт е дека на долг рок тие растат – вели професорот Горан Рафајловски од Факултетот за електротехника и информациски технологии.
Сепак, за да се заштитат малите потрошувачи и домаќинствата од високи цени на електрична енергија на пазарот на големо и ценовни шокови, со новиот закон за енергетика е предвидена заштита на овие категории потрошувачи со тоа што на ЕЛЕМ како производител на електрична енергија со најголем инсталиран капацитет во државата, има обврска да му понуди на универзалниот снабдувач во 2019 година најмалку 80 отсто од вкупните годишни потреби на снабдувачот. Следната година обврската е 75 процени, во 2021 г. најмалку до 70 отсто, додека во 2022 г. до 60 проценти од вкупните годишни потреби. Оваа обврска истекува во 2025 година кога ЕЛЕМ за универзалниот снабдувач треба да понуди најмалку 30 отсто од неговите годишни потреби.
Македонија меѓу земјите со најевтина електрична енергија во регионот
Во согласност со податоците достапни на Еуростат, Македонија е меѓу земјите со најевтина електрична енергија во регионот со цена за категоријата домаќинства од 0,0820 евроценти за киловат-час.
Имено, цената на електричната енергија за домаќинствата во Бугарија изнесува 0,0955 евроценти за киловат-час, во Грција е 0,1936 евроценти за киловат-час, во Хрватска 0,1196 евроценти за киловат-час, во Словенија 0,1609 евроценти за киловат-час, во Црна Гора 0,0983 евроценти за киловат-час, во Албанија изнесува 0,0844 евроценти за киловат-час, а во Босна и Херцеговина изнесува 0,0859 евроценти за киловат-час.
Единствено Србија, каде што цената за домаќинства изнесува 0,0664 евроценти за киловат-час, и Косово, каде што цената за домаќинства изнесува 0,0662 евроценти за киловат-час, имаат пониска цена на електрична енергија за домаќинствата од Македонија.