ПОЛИТИЧКИ НАЈЗЛОУПОТРЕБУВАН ИНСТРУМЕНТ НА ШТЕТА НА ПРАВОТО
Амнестијата одамна стана политички инструмент во Македонија: користењето на правните инструменти како форма со употребна вредност во политиката го наметнува и прашањето дали и во колкава мера се компромитира владеењето на правото и дали е можно брзо враќање на довербата во правниот систем
Во политичките процеси и премрежиња што се случуваа во Македонија последниве години, најголема и најочигледна жртва е владеењето на правото и правната држава. Истовремено парадоксално, но еден од основните критериуми во процесот на евроинтеграциите е токму владеењето на правото и на правната држава, а сите (зло)употреби на штета на правдата во политички цели беа направени токму во име на можноста за членство во евроатлантските сојузи, ЕУ и НАТО.
Во различни случаи се покажа дека кога ќе „заглавеа“ одредени процеси, се посегнуваше по амнестијата како најпрактичен инструмент за политичарите, со кој директно можат да манипулираат со политичките процеси, на штета на правото.
Иако премиерот Зоран Заев е убеден дека веќе нема да има амнестии и оти последна била таа што била дадена во процесот на помирувањето во Собранието, политичките преговори за судбината на СЈО и понатаму ја оставаат отворена таа можност. Овој пат не како директна амнестија, како во случајот со гласањето за уставните измени за исполнување на договорот со Грција, туку повеќе индиректно, со барањата за прекинување на почнатите постапки на СЈО и неизвесноста околу неговата понатамошна работа.
– Тоа со амнестиите заврши. И таа за 27 април што беше донесена преку Собранието беше во знак на помирувањето и јас стојам зад тоа. Собранието не може во овој момент да се впушта во нови амнестии. Не може ниту Министерството за правда, иако има ингеренции. Не може ниту која било друга институција, па ни претседателот Ѓорге Иванов. Тоа впрочем го пишува и во законите, отворете ги и уверете се дека тој ја нема таа можност – смета премиерот Заев, одговарајќи на новинарско прашање дали претседателот, кој има уште околу два месеца од неговиот втор претседателски мандат, може да даде уште една амнестија за истрагите што ги води СЈО против актуелни и поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Притоа Заев отворено кажа дека амнестијата што се случи за 27 април била во рамките на процесот на помирување кога на државата ѝ требаше двотретинско мнозинство за уставни измени.
Користењето на правните инструменти како форма со употребна вредност во политиката ги наметнува размислувањето и прашањето дали и во колкава мера е компромитирано владеењето на правото во државата и дали е можно брзо враќање на довербата во правниот систем.
– Амнестијата како правен инструмент е апсолутно компромитирана, а преку неа, секако, и владеењето на правото. Особено кога таа се користи пред да заврши судскиот процес, во политички цели. Секогаш кога има неразјаснета правна ситуација, посегнувањето по амнестијата за постигнување одредена политичка придобивка, дополнително ја компромитира правдата – вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
Арсовски смета дека единствениот начин да се врати довербата во амнестијата како правен инструмент е да се намалат дискрециските права на претседателот на државата, бидeјќи само шефот на државата има право на индивидуално помилување. Министерството за правда има право да поднесе предлог за помилување до претседателот, додека Собранието може да го направи тоа само со носење специјален закон, како што беше последниот закон за помилување, кој создаде многу контроверзии во општеството. Политикологот Арсовски смета дека ако резултатот од амнестијата е општествено помирување, тогаш таа не го компромитира владеењето на правото.
Од друга страна, професорот Јове Кекеновски е на мислење дека токму последната амнестија, онаа спроведена според специјалниот закон на Собранието за учесниците во настаните од 27 април 2017, е особено проблематична и најмногу ја девалвира правдата.
– Природата на амнестијата е да биде правична, односно да им понуди еднакви можности и услови на сите што се засегнати во одреден правен процес. Но оваа последна амнестија, која послужи за менување на Уставот на Македонија и менување на името на државата, е целосна негација на принципите на амнестијата и целосно девалвирање на правдата. Амнестијата одамна стана политички инструмент во Македонија: од онаа амнестија за борците на ОНА, па и онаа на претседателот Иванов, која потоа ја повлече, до последните пресуди за учесници во настаните за кои некои претходно беа помилувани и имаа иста, а можеби и поголема вина, само докажа дека амнестијата е инструмент за доаѓање и останување на власт. И таа се воспостави како некаква лоша политичка традиција, која го оправдува владеењето на политичари без филозофија, без идеологија, без патриотизам – вели професорот по политички науки Јове Кекеновски.
Дали амнестијата, повторно, во некаква видоизменета форма ќе се врати на политичката сцена веројатно ќе дознаеме многу скоро, во текот на преговорите за СЈО.