Илајдници Алжирци денеска протестираа во главниот град Алжир против алжирскиот претседател Абделазиз Бутефлика и покрај неговата одлука да не се бори за нов, петти по ред, претседателски мандат на претстојните избори.
По неколкунеделни протести ширум земјата, 82-годишниот Бутефлика синоќа соопшти дека се одлагаат претседателските избори што беа предвидени за април и најави дека нема да се кандидира за нов мандат. Според Бутефлика, новиот датум на изборите ќе биде утврден дополнително.
Демонстрантите на денешниот протест носеа транспаренти против алжирскиот претседател и скандираа „Не за продолжување на мандатот на Бутефлика“.
Бутефлика во 2013 година беше подложен на операција поради згрутчување на крвта во мозокот, по што во изминативе години тој често се соочуваше со здравствени проблеми.