Силна борба и голема воена активност е забележана вчера во Сирија, откако Сириските дефанзивни сили (СДС) поддржани од САД повторно го нападнаа последното упориште на Исламска држава (ИД), пренесува Си-ен-ен. Се смета дека ова е една од последните офанзиви за целосно елиминирање на џихадистичката група од земјата.
Медиумите пренесуваат дека во местото Багуз, Сирија, биле забележани авионски напади, силни експлозии и испукувања на минофрлачи за време на акцијата на СДС. Портпаролот на силите Мустафа Бали на Твитер напиша дека започнале директни судири со ИД, а главни цели на воздушните напади биле складиштата со оружје на џихадистите.
Иако претходно неколку пати се навестуваше дека ИД е пред целосен колапс, сè уште трае борбата и тие пружаат отпор. Портпаролот на СДС Бали се огласи и апелираше дека е време конечно борците на ИД да се предадат и дека се уништува она што е останато од милитантната група.
Во своите најсилни денови, ИД контролираше големи територии на подрачјата на Ирак и Сирија. Воената коалиција на СДС, поддржана од САД војува веќе неколку години против џихадистите. Нема информации за тоа колку борци и цивили остануваат во малата територија која е под контрола на ИД во Багуз.
Пред најновата офанзива на СДС која започна минатиот месец, проценките на тамошните официјални лица беа дека останати се 1.500 цивили и околку 500 борци на ИД, но последниот напад покажа дека бројките на борците се драстично поголеми, констатираат од Си-ен-ен.
Претходно оваа недела, околку 500 борци на ИД се предадоа на СДС. Овие милитанти беа дел од групата на луѓе кои бегаа од селото близу границата со Ирак, кое во изминатитот период е под константен притисок од воздушни напади од воената коалиција предводена од САД.