Кога првиот човек на Формула Е, Алехандро Агаг во 2012 година најави дека започнува тркачко натпреварување со електрични автомобили, малку луѓе беа оптимисти дека ова натпреварување ќе успее, пишува Си-ен-ен.
Прв критичар на натпреварувањето беше Берни Екелстон, шефот на Формула 1, кој во тоа време предвидуваше дека интересот за ваков тип на трки многу брзо ќе се изгуби во јавноста. Но, сосема напротив, електричните формули се пред педесетата трка во историјата на натпреварувањето во Хонг Конг, во нивната петта сезона.
– Педесетата трка е многу голем момент за нас. Се сеќавам Екелстон ми рече дека никогаш нема да успеам да организирам трка, но еве каде сме сега – изјави Агаг за медиумите во Лондон.
Агаг дополни дека многу го почитува Екелстон, како пријател, бизнисмен и креатор на легендарното натпреварување Формула 1, па потоа призна дека една недела пред првата трка во натпреварувањето Формула Е, добил пофалби од првиот човек на „Ф1“ за организацијата на целото натпреаврување.
Формула Е се смета за еден од најбрзо растечките спортови во светот и глобално има привлечено повеќе од 300 милиоти гледачи минатата сезона, според „Форбс“.
Во просек, 27,1 милиони луѓе ја гледале секоја трка, што е драстично зголемување на гледаноста во споредба со 16/17 сезоната, кога оваа бројка изнесувала 18,6 милиони гледачи.
Брзиот раст и развој, како и големиот интерес за натпреварувањето го убеди реномираниот британски ТВ канал Би-би-си да ги откупи правата за натпреварувањето, а трката овој викенд во Хонг Конг за прв пат ќе биде емитувана на беслпатен канал.
– Јаготката на шлагот е да се биде на Би-би-си. Тоа покажува дека нашиот шампионат е во најдобриот момент досега, а следната година ќе дојдат Порше и Мерцедес во нашето натпреварување – посочи Агаг.
Тој призна дека не знае точно колку луѓе би се приклучиле да ја гледаат трката во Хонг Конг, но инстистираше дека бројка од 400 илјади гледачи во живо би била неверојатна за Формула Е.
Според Си-ен-ен, растот на популарноста на Формула Е во изминатите пет години има позтивно влијание врз општеството. Компаниите, но и индивидуалците стануваат еко-свесни и бараат начини како да ја заштитат природата, а транзицијата од бензин и дизел на електронски возила е главната еколошка промена во светот.
– Во 2012 година, глобално имаше продадено 190 илјади електрични возила. Оваа година, се проценува дека се продадени осум милиони. Секако, во споредба со класичните автомобили, оваа бројка е мала, но сметам дека сме на вистинскиот пат – заклучи Агаг.