Министрите за надворешни работи на Република Северна Македонија и Грција Никола Димитров и Јоргос Катругалос остварија средба на маргините на економскиот форум што се одржува во Делфи, Грција и разговараа за збогатување на натамошната секторска и друга соработка, предвидена од Договорот од Преспа, соопштуваат од МНР, а според, грчката новинска агенција АНА-МПА, билатералната средба во траење од над еден час поминала во добра клима, јави дописничката на МИА од Атина.
Димитров и Катругалос, разговараа и синоќа, заедно со романскиот министер делегиран за европски прашања, Џорџе Чиамба, и заменикот МНР на Грција, Теренс Куик, на работната вечера на која беа разгледани прашања поврзани со европската перспектива на Република Северна Македонија и регионот, во пресрет на јунскиот Совет на ЕУ.
На покана на основачот и претседател на Delphi Economic Forum, а под покровителство на претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос, Димитров учествуваше на форумот, оствари и други билатерални средби, а се обрати и на централниот настан, кој оваа година тематски беше посветен на „Предизвикот на инклузивниот раст“.
Во говорот рече дека „можеме да бидеме горди на она што го постигнавме денес и светот да вели дека добрите вести доаѓаат од Балканот“ и дека „нема ништо поприродно од тоа нашите две земји да бидат пријатели, да бидат блиску, да ја отворат иднината “.
Димитров говореше за иднината, но и за она што е направено, за како што рече, „она што го постигнавме и зошто го избравме најтешкиот пат, бидејќи полесниот пат беше да не се допира ништо“.
Осврнувајќи се на предизвиците при постигнувањето на Договорот од Преспа, Министерот Димитров истакна дека постои реална перспектива „сите заедно во регионот да ја постигнеме визијата што со помош на Грција беше поставена пред многу години во Солун, 2003 година и реафирмирана лани во Софија, на друг самит на ЕУ-Западен Балкан“.
– Ако се фокусираме на нештата што значат, ќе го овозможиме ова. Благодарен сум на премиерот Ципрас кој не мораше да го направи ова. И се присетувам на една позната изјава на друг славен државник, Винстон Черчил, кој изјави – цената на величественоста е одговорноста. И мислам дека начинот на кој постапувате со соседите, особено со оние што не се големи колку вас кажува колку е голема вашата нација. И мислам дека она што го направивте ја направи Грција поголема земја – рече Димитров.
На пленарната сесија, освен министерот за надворешни работи на Северна Македонија, говори одржаа шефот на кипарската дипломатија, Никос Христодулидис, вицепремиерката на Романија, Ана Бирчал, вицепремиерот и министер за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ и грчкиот премиер Алексис Ципрас.
Во текот на вчерашниот ден Никола Димитров, во рамките на економскиот форум, се сретна со заменик помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Метју Палмер и со амбасадорот на САД во Грција, Џефри Пајат и разговарале за билатералните односи меѓу двете земји, како и за актуелни прашања и предизвици од регионот.
Шефот на македонската дипломатија, оствари средба и со лидерот на грчката партија Река, Ставрос Теодоракис.
-Ако имавме повеќе политичари кои повеќе размислуваат за следните генерации, а помалку за следните избори, светот ќе беше многу подобро место – напиша шефот на дипломатијата, Никола Димитров на неговиот официјален Твитер профил по средбата со Теодоракис.
-Во Делфи имав средба со Никола Димитров. „Заедно направивме еден прв чекор“, му реков, „но, треба да се направат уште многу, и од ваша страна, за веќе да не постои сомнеж во нашите односи“. Почувствував дека ме разбира – напиша Теодоракис на неговиот официјален Твитер профил.
Од партијата Река соопштија дека средбата на маргините на економскиот форум во Делфи била по иницијатива на Димитров, кој како што му рекол на Теодоракис, „сакал да го запознае човекот кој иако има многу различни позиции со владата на СИРИЗА имаше храброст да го поддржи Договорот од Преспа“.
Шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров е првиот претставник на високо ниво од нашата земја кој учествува на Форумот, што оваа година се одржува по четврти пат, а чија цел е преку обединување на светските лидери да го продлабочи разбирањето на прашањата и предизвиците кои влијаат на глобалната заедница, Европската унија, поширокиот Медитерански регион, како и на Југоисточна Европа.
Економскиот форум завршува утре, а учествуваат претставници од над 24 земји, околу 500 говорници од целиот свет на 95 тематски делови.