Во израелско-палестинскиот конфликт сега се вмешани три „држави“: Хамас во Газа, Палестинската самоуправа во Западниот Брег и Израел. Оваа реалност мора да се има предвид во сите обиди за постигнување напредок во мировниот процес
Шломо Бен-Ами
Целта на две држави за две нации што ќе егзистираат една до друга во рамките на безбедни граници беше основата на израелско-палестинскиот мировен процес со склучувањето на договорот од Осло во 1993 година. Но, и покрај сите намери и цели, договорот е мртов. Можеби најважна причина е што целта за постоење на две држави повеќе не кореспондира со реалноста.
Во секој случај, Организацијата за слобода на Палестина (ПЛО) сè уште го поддржува решението за две држави. Таа не е заинтересирана за секаков вид привремена спогодба со која, како што покажува искуството, десничарските израелски коалиции би можеле неодредено да се прошируваат, користејќи го бескрајниот мировен процес како политичка маска за продолжување на окупацијата и населување на палестинска територија.
Но за вториот клучен палестински играч Хамас, целта за формирање држава е второстепена во однос на доминирањето на исламот во целиот регион. Неговата апсолутна неподготвеност да го прифати постоењето на еврејската држава на светата територија на Палестина ги отфрла сите убедливи заложби за решението со две држави.
Според овој факт, позицијата на Хамас совршено се совпаѓа со онаа на актуелната израелска радикална десничарска верско-националистичка влада, која не може да ги направи отстапките што ги бара решението со две држави без да се откаже од суштината на сопствената фундаменталистичка идеологија. Израелската влада може да си дозволи привремена спогодба, но не и траен мировен договор. Исто така, Хамас се обидуваше со идејата за примирје, што на крајот доведе до мир, но не и признавање на „ционистичкиот ентитет“.
Наспроти сличните позиции меѓу Израел и Хамас, Израел околу безбедноста соработува токму со ПЛО и особено со владата на Палестинската самоуправа (ПА), предводена од претседателот Махмуд Абас. Таквата соработка е крајната линија на Абас во одбраната од контролата на Хамас. Всушност, серијата напади што ги изврши Хамас на израелски цели во Западниот Брег во изминатите месеци имаа цел дополнително да ја ослабат тамошната власт на ПЛО со обелоденувањето на својата стратегија за соработка со окупаторот.
Иако Палестинската самоуправа во голема мера зависи од израелските сили за да ја задржи власта во Западниот Брег, нејзината позиција во однос на Хамас исто така е зајакната со меѓународното признавање, со кое таа има контрола врз донациските фондови од преостанатиот дел од светот. Откако ја искористи оваа позиција, Абас наметна строги финансиски санкции врз Газа, кои ги влошија и онака веќе катастрофалните човечки последици од блокадата на Израел.
Изгледа дека Абас калкулира дека целосна војна со Израел во областа Газа ќе му стави крај на тамошното владеење на Хамас, со тоа што ќе го натера да формира заедничка влада со Палестинската самоуправа. Но Хамас несомнено таквата влада ќе ја гледа како шанса да го преземе целото национално движење.
Сепак мали се шансите за ваков исход. Реално, нема многу простор да се натера Хамас да ги предаде своите независни воени капацитети, кои може да се доволно опасни за да им се спротивстават на израелските одбранбени сили, а камоли неговото право да ги распореди. Лидерите на Хамас можат да се надеваат да го преземат либанскиот модел според кој Хезболах ќе ја зачува војската, што на крајот можело да биде доволно за да се обезбеди конечна политичка власт.
Тие ќе сторат сè што е во нивна моќ за да избегнат да ја предадат контролата врз Газа, која под власта на Хамас функционира како независна сунитско-исламска држава со владини институции, јавни служби и сопствена мрежа на верски сојузници. Сојузниците како Хезболах, Иран, Катар и Турција претставуваат алтернативен модел на исламска „демократија“ и се против регионалното статус кво (и прозападната Палестинска самоуправа што помага да се зачува).
Токму затоа, и покрај тоа што жестоко го бранат палестинскиот принцип, овие сили се противат или се рамнодушни кон решението на две држави. Израелско-палестинскиот мировен договор, по моделот на либералниот Запад, ќе му овозможи на Израел регионална легитимност и ќе го претвори во клучен сојузник во вкоренетите конзервативни арапски режими во регионот.
Иако ниедна од овие сили не е особено пријателски настроена кон Израел, нивната поддршка за Хамас до одреден степен е во интерес и на владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, и самиот тој е свесен за ова. На пример, Израел му дозволи на Катар да го одржува функционирањето на државата Газа со тоа што обезбедува средства за платите за граѓанските службеници на Хамас и ја поткопува стратегијата на Абас за нивно спречување за да го присили Хамас да заземе попомирливи позиции.
Пошироко кажано, иако владата на Нетанјаху направи сè за да ја ослаби и понижи Палестинската самоуправа, таа сепак преговараше со Хамас преку трети страни за размена на затвореници и прекин на огнот. Причината е очигледна: исламско-фундаменталистичка држава предводена од Хамас, што му дава голем причина на Израел да ги избегне мировните преговори.
Со оглед на ваквата сложена и контрадикторна динамика, сега во израелско-палестинскиот конфликт се вклучени три „држави“: Хамас во Газа, Палестинската самоуправа во Западниот Брег и Израел. Ѕидовите и оградите што ги подигна Израел за да се оддели од Газа и од поголем дел од Западниот Брег помогнаа да се зацементира оваа реалност.
Според Израел, националното движење се состои од идеолошки противречни групи што никогаш нема да го остварат ослободувањето. Палестинците ќе треба сами да се изборат за својата „Алталена“. Во 1948 година, армијата на новата израелска држава, под наредба на премиерот Давид Бен-Гурион, го потона бродот „Алталена“, кој носеше оружје за радикалната еврејска паравоена група Иргун. Иргун предводена од Менахем Бегин не го возврати ударот и со тоа ѝ се стави крај на насилната конфронтација меѓу двете страни.
Но основачот на ПЛО, Јасер Арафат, се плашеше од секаков вид изолациски договор со Израел што би можел да предизвика решавачка палестинска граѓанска војна, како што прави Абас денес. Секако, како и Бен-Гурион, Абас знае дека интегрираната воена команда со спроведување една заедничка стратегија е клучна за создавањето обединета палестинска држава. Но Израел, кој одлично ја спроведува стратегијата „раздели па владеј“, не даде јасен пат кон трајниот мир.
Наспроти ваквата фактичка ситуација, палестинската граѓанска војна би била еднаква на самоубиство и остварување на сонот за израелската десничарска влада. Ако се земе предвид ова, решението со две држави не може да се оствари, затоа што во оваа приказна постојат три страни.
Авторот е бивш министер за надворешни работи на Израел