Во спортскиот центар „Борис Трајковски“ денеска и утре ќе се одржува Третиот национален и меѓународен натпревар во уметничко лизгање „Skopje on Ice 2019“ на кој ќе настапат 73 натпреварувачи од 5 до 25 години од Македонија, Србија и Бугарија.
Настанот почнува вечерва во 19 часот со извлекување на стартните броеви на учесниците, по што ќе следува свечено отворање на натпреварот. Љубителите на уметничкото лизгање ќе имаат можност да уживаат во вештините на натпреварувачките во три интерпретативни категории, а за утре се закажани натпреварувачките категории.
– Организацијата на ваков натпревар претставува големо задоволство, но и огромен предизвик за нас како федерација, со оглед на тоа што уметничкото лизгање сè уште не е доволно популаризирано во нашата држава. Сепак, веќе трета година по ред со голем ентузијазам го организираме Skopje on Ice. За нас ветер во грб е големиот интерес на публиката и интересот на сè поголем број деца и млади активно да се занимаваат со овој спорт – вели претседателката на Федерацијата за лизгачки спортови, Цветанка Макаровски.
Двата дена влезот ќе биде слободен. „Skopje on Ice“ се организира трета година по ред од страна на Федерацијата за лизгачки спортови на Македонија и Спортскиот Центар „Борис Трајковски“, а е поддржан од Агенцијата за млади и спорт.