По деветнаесет години, браќата-близнаци Тони и Емил Шулајковски повторно заедно ѝ се претставуваат на скопската публика со изложба, со која го прославуваат и својот педесетти роденден. Симболично, проектот содржи 50 слики, по дваесет и пет од секого. Изложбата, насловена „Левел 50“, ќе биде отворена вечерва, во галеријата „Акантус“ во Скопје, со почеток во 20 часот.
– Имаме можност да уживаме во спојот на две енергии, толку блиски, а сепак толку посебни во својата нарација, но и различности. Во сликарството на Емил и Тони Шулајковски може да се детектира стилска дефиниција на лирска апстракција и експресија. Овој пат се претставуваат заедно, а нивните афинитети ќе ги проследиме заедно и посебно – вели во предговорот за каталогот на изложбата Дијана Томиќ-Радевска, ликовна уметница и кураторка во галеријата „Акантус“. Според Томиќ-Радевска, во творештвото на Емил чистата експресија се манифестира низ слободата на потегот на четката, емоционалниот израз, слободата во композицијата што нема корелација со објективната реалност. Додека кај Тони се чувствува желба за раскажување преку боја, за создавање приказна во приказна. Во неговите дела, како што нагласува таа, фигурацијата, која се наѕира или пак е експресивно исцртана врз колоритни површини, му дава на гледачот асоцијација за мечтите и размислите на уметникот. За љубителите на ликовната уметност изложбата ќе биде отворена до 20 март, секој ден, освен во понеделник.