За време на тригодишното истражување во САД, на околу 800 деца им било предавано
шах најмалку еден до два часа неделно

Првичните наоди од повеќегодишната студија спроведена во државата Алабама (САД), укажуваат на тоа дека наставата по Шах може да ја подобри работата на учениците, особено кај помладите. Студијата е спроведена од истражувачите од „Тенеси тек“ и од Универзитетот во Алабама. Интернет-страницата „Шах за деца“ била искористена од наставниците во нивната училишна настава, а добиените податоци биле вклучени во завршната студија, објави интернет-страницата Чес.ком (chess.com).

Истражувањето досега се фокусирало само на првите три години од она што на крајот ќе биде петгодишен проект. Поголемиот дел од податоците доаѓаат од првите две години, каде што на околу 800 деца им било предавано Шах најмалку еден до два часа неделно, а имало и контролна група од околу 400 деца, кои не добиле шаховски инструкции. Студијата покажува податоци во различни области, вклучувајќи и критичко размислување, т.н. „вештини на 21 век“… Таканаречениот „тест за критичко размислување на Корнел“ им бил даден на двете групи на почетокот и на крајот на годината. Тестот ги мерел податоците во пет области: индукција, набљудување, кредибилитет, заклучување и претпоставки.

Првата година била многу попозитивна за љубителите на шаховското образование. Од петте одделенија за кои има податоци, сите освен еден, покажале подобри резултати од шаховската група за „индукција“. Втората година била повеќе мешана, но повторно оние од четвртото одделение покажале подобри резултати од повозрасните одделенија. За категориите набљудување и веродостојност шахот дал повеќе јасна слика за пониските одделенија. Се покажало дека учениците од четврто до шесто одделение што учеле шах покажале подобри резултати во првите две години од студијата, додека само во втората година од студијата постарите ученици покажале подобри резултати во некои од областите, по шаховското образование.

Генерално, најмладите деца во студијата, оние од 4-то до 6-то одделение, добиле најмногу од тренирањето шах, видено кога правеле тестови за заклучување. За мерењата на т.н. „вештини за 21 век“, кога биле можни споредби со контролната група, според студијата „учениците што играле шах биле, во просек, постојано оценети од нивните наставници како ученици што направиле подобрувања“. Способностите што наставниците ги мерат преку преттест и посттест биле за академски достигнувања, ефикасни решенија и процени, критичко размислување, стратегиско размислување, решавање проблеми, системско размислување, интердисциплинарно размислување и севкупен ангажман.

Од наставниците 81 отсто сметаат дека шахот им помагал на учениците во нивниот социјален развој, 73 проценти сметаат дека тој помогнал академски, а седум од 10-те наставници изјавиле дека уживале да комбинираат редовно предавање со шах.


Древната игра им помага и на наставниците

Не само што шахот им е од корист на учениците, туку тој им помага и на наставниците и е добро наставниците да го користат „Шахот за деца“ за да ја спроведат нивната училишна настава, додека само мал број наставници (седум отсто) се изјасниле дека немаат желба да ја користат оваа веб-страница на своите часови. Досега наведеното, генерално гледано, укажува дека шахот како наставна стратегијата обезбедува позитивно и значајно искуство за учениците и за наставниците, рекол еден од наставниците вклучен во студијата. Г.И.


Данчевски: Напредокот е особено евидентен во читањето и во математиката

Точна е констатацијата дека шахот многу помага во образованието на учениците. Како шаховски тренер во приватното училиште во Скопје, „Јахја Кемал“, тоа веќе го имам добро забележано, особено во читањето и по предметот математика, каде што напредокот е евидентен. Истото ми го потврдија и повеќе професори на децата што тренираат шах во ова училиште. Ова се должи и на фактот што математиката и шахот имаат заедничка компонента, а тоа е логиката, односно децата многу подобро логички размислуваат кога играат шах. Во училиштето тренирам околу 250 деца од прво до шесто одделение и сите тие се одлични математичари, односно доаѓаат од таа секција – вели интернационалниот мајстор (ИМ) и шаховски тренер, Орце Данчевски. Г.И.