На конкурсот пристигнале 68 песни од 53 автори, од кои дури 44 на ученици во основните училишта

Поетскиот клуб „Тиквешки цветови“, во соработка со домот на културата „Иван Мазов Климе“ од Кавадарци, годинава првпат организира поетски конкурс за учениците од основните и средните училишта од овој крај, под наслов „Пехарот на Свети Трифун“, во пресрет на празнувањето на овој најголем лозарски празник во Тиквешијата. Целта на конкурсот, велат од клубот, е да се поттикнат младите што имаат афинитети кон пишаниот збор, да ги охрабрат и да им помогнат во развивањето на нивното поетско творештво, а наедно да ги отворат вратите на поетскиот клуб за сите талентирани млади поети.

На огромно задоволство на организаторите, на конкурсот пристигнале 68 песни од вкупно 53 автори, од кои дури 44 од основните училишта. Доделувањето на наградите за најдобрите млади поети се одржа минатиот вторник, пред многубројна публика, каде што бевме сведоци на една прекрасна дружба со надарени млади поети, од кои повеќето сакаа јавно да ги споделат своите стихови со публиката. Жирито, во состав Надица Тренчева, Влатко Тасев и Микица Илова, имаше тешка задача, па одлучи во категоријата основни училишта да додели две трети награди, и тоа на Андреа Ивчева за нејзината песна со еколошка тематика „Мојот тажен град“ и на Сара Стоилкова за песната „Повик за помош“. Исто така, две втори награди, и тоа на Вероника Калашева за песната „Засекогаш“ и на Мери Ѓорѓиева за песната „Рацин вчера, денес и утре“.

Првата награда ѝ беше доделена на Слободанка Арсова за песната „Свети Трифун“, додека специјалната награда, која го носи името „Пехарот на Свети Трифун“, му беше доделена на ученикот Трајче Попов од подрачното училиште „Страшо Пинџур“ во селото Дреново, кој, за жал, не дојде на прогласувањето, поради тоа што конкурсот беше анонимен, па убавата вест малку подолго патувала до него.

Во категоријата средни училишта, втората и третата награда отидоа во рацете на Павлинка Ташева за песните „Каде си љубов моја“ и „Мојата иднина ја создавам јас“, додека првата награда и специјалната награда „Пехарот на Свети Трифун“ ги доби Роза Милкова“ за песната „Овие стихови не се мои“. Покрај дипломите, наградените млади поети добија подарок книги од библиотеката „Феткин“.


Лозарски крај

На 14 февруари
во мојот роден крај
традиција е стара,
секој лозар ножици да бара.
на закројување да оди,
а светецот Трифун
по пат светло да го води.

Лозјето наше ни подарува нам
грозје слатко, грозје здраво
вино црвено и бело
вино старо, вино младо
на секој винар му е драго.

Кавадарци лозарски град
во него работи, гради
стар и млад.
Секој пее и се смее
и долго и среќно живее.

Слободанка Арсова
ОУ „Димката Ангелов-Габерот“ – Ваташа

Св. Трифун

Лозари сме ние
Со земја се бориме
На заштитникот наш
Свети Трифун му се молиме
Заштитнику наш
Милно те молиме,
Штити ни го родот,
Да го збериме плодот.
Вино и ракија
Ние да направиме
Со чашка во рака,
Во твоја чест и слава
Ние да наздравиме.
Вековен да ни бидеш
Заштитнику наш,
Секогаш ќе славиме
Лозарските маки,
Брзо да ги заборавиме.

Трајче Попов